
Во спортската сала „Јанис Котакис“ во атинската населба Илиуполи попладнево, во 17 часот по локално, односно 16 часот по македонско време, ќе се одигра првиот четвртфинален натпревар од ЕХФ Европскиот Куп меѓу ГРК Охрид и домаќинот Олимпијакос, натпревар за кој од охридскиот тим велат дека се максимално подготвени и ќе го дадат својот максимум, јави дописничката на МИА од Атина.
Спортската сала што машкиот ракометен тим на Олимпијакос од сезоната 2022/23 ја користи за натпреварите на домашен терен е со капацитет да прими 1.500 гледачи, а на денешниот натпревар, исто како и на реваншот в сабота во Охрид, нема да има гостински навивачи по договорот меѓу двете екипи.
Причината се настаните од финалниот натпревар во ЕХФ Купот во ланската сезона меѓу Алкалоид и АЕК кога натпреварот во Скопје не се одигра, па затоа по барање на Европската ракометна федерација, ГРК ОХРИД и РК Олимпијакос по меѓусебната комуникација, со цел да биде избегната ситуација слична или иста на онаа од минатата година, заеднички одлучиле дека двете екипи нема да вршат продажба на билети на гостински навивачи.
Ракоментарите на Охрид од вчера се во грчката престолнина, а на нешто помалку од 24 пред натпреварот во разговор со дописничката на МИА од Атина тренерот Борис Ројевиќ и капитенот Гоце Ојлески ја пренесоа атмосферата во тимот, како и очекувањата од натпреварот.
– Како тренер и како клуб сигурно секогаш имаме најголеми очекувања, иако знаеме дека се работи за одличен противник кој сигурно е во својот максимум можеби во последната деценија, навистина оваа сезона имаат одличен тим, кој ќе се обиде да го освои Купот, така што не очекува особено тежок натпревар, но момците одлично работеа оваа недела и ќе се обидеме на натпреварот да го дадеме својот максимум и да се обидеме да направиме добар резултат за реваншот во Охрид каде што очекувам 3.000 луѓе и пеколна атмосфера, рече Ројевиќ.
-Очекуваме тежок натпревар, Олимпијакос е одлична екипа. Мислам дека ќе биде тешко, но ќе дадеме свој максимум за што подобар резултат. Го имаме и реваншот во Охрид, така што нема да биде утре сè решено. Ќе видиме. Мислам дека имаме и ние свои шанси, се подготвуваме максимално и ќе дадеме максимум за што подобар резултат, истакна капитенот на охридскиот ракометен тим.
Во однос на климата во тимот и физичката, но и психичката подготвеност на играчите, тренерот рече дека сите „сигурно одвај чекаат да почне натпреварот, додека пак капитенот Ојлески „нагласи дека „атмосферата е супер“, но и дека во изминатиот период заедно со тренинзите добро ја анализирале и играта на Олимпијакос.
Домаќините попладнево ќе имаат поддршка од нивните навивачи, а според податоците од официјалниот сајт за продажба на билети за натпреварот, заклучно со доцна синоќа, билетите по цена од 10 и 15 евра беа речиси распродадени, додека пак од оние од пет евра достапни беа околу 500 билети.
На прашањето дали реваншот на домашен терен е предност, тренерот Ројевиќ за МИА рече дека е „многу полесно вториот натпревар да го играш дома“, но дека сепак „тоа носи и притисок“ и посочи дека Олимпијакос го има ланското искуство по пораз на домашен терен, да направи пресврт во гости.
– Секако дека е подобро, но носи и голем притисок играњето реванш дома, очекувањата да се помне итн. Играме против извонредна екипа која има поголемо искуство од Охрид со играње во Европа. Охрид досега немаше поминато ниту едно коло во Европа, а сега стигнавме до четвртфинале, голем успех за нас, но јас се надевам дека нема да застанеме тука и дека ќе се обидеме да направиме уште еден историски успех за нашиот клуб, порача Ројевиќ.
Капитенот Ојлески коментира дека противникот е голема екипа која сигурно и на гостински натпревар ќе даде свој максимум.
– Некогаш и десет разлика да победиш на првиот натпревар нема да биде доволно, така да разликата никогаш не е сигурна, мора да играш и на двата натпревари и ако победи утре, нормално Олимпијакос е голема екипа која сигурно и на гостински натпревар ќе даде свој максимум да анулира тоа што го загубила, така исто и не, така што мислам дека нема некоја голема предност, рече Ојлески.
Од РК Олимпијакос во најавата за натпреварот соопштија дека „ќе се соочат со силниот Охрид“, а целта победа и прв чекор кон пласман во полуфиналето.
Левиот бек на домаќините Савас Савас за официјалниот сајт на тимот изјави дека нивната цел е јасна, да дадат 100 проценти и да постигнат резултат што ќе им даде предност.
– Со поддршката од нашите навивачи, можеме да постигнеме нешто значајно, нагласи Савас.
Реванш натпреварот во Охрид ќе се одигра следната сабота на 4 април во 18 часот во СРЦ „Билјанини Извори“.



