Илјадници луѓе протестираа денеска во центарот на Атина поради најсмртоносната железничка несреќа во земјата, во која на 28 февруари загинаа 57 лица, додека најголемите грчки синдикати се подготвуваат за неизбежен национален штрајк.
Директниот судир меѓу патнички и товарен воз пред речиси две недели предизвика гнев во јавноста и предизвика секојдневни протести против конзервативната влада и политичкиот естаблишмент, кој постојано ги игнорираше повиците на железничките синдикати за подобрување на безбедносните системи.
Повеќе од 10.000 поддржувачи на комунистичката група ПАМЕ, работници од јавниот сектор, пензионери и студенти се собраа денеска пред парламентот во центарот на Атина. Некои од нив скандираа „Убијци“ и „Нема да заборавиме“.
Повеќето од 350-те патници во патничкиот воз биле студенти кои патувале од Атина до Солун по продолжениот празничен викенд.
Најголемите грчки синдикати ГСЕЕ и АДЕДИ, кои заедно претставуваат повеќе од два милиони работници, на 16 март ќе организираат голем штрајк низ целата земја во знак на протест поради железничката несреќа.
Десетици илјади граѓани се собраа и минатата недела во Атина и други грчки градови на најголемите улични протести со кои се соочи владата од изборите во 2019 година.
Железничарите, кои одржаа 24-часовен штрајк, тврдат дека за несреќата се виновни годините на запоставување, недоволно инвестирање и недоволно персонал, што е наследство од децениската должничка криза на Грција.
Мандатот на актуелната конзервативна влада завршува во јули.
Минатата недела таа вети дека ќе инвестира во запуштениот железнички систем и ќе обезбеди поддршка и помош за семејствата на жртвите.