Утрински Весник
Балкан

Грчките земјоделци на протест во Атина

Traktori grcija.jpg

Трактори и конвои од цела Грција денес, 13 февруари 2026, се симнуваат во центарот на Атина, со најавен масовен протест пред Хеленскиот парламент. Собирот е планиран на Плоштадот Синтагма: пристигнувањето започнува околу 15:00, главниот митинг е закажан за 16:00, а организаторите најавуваат дека ќе останат во текот на ноќта и ќе се повлечат организирано до пладне во сабота, 14 февруари.

Во позадина на демонстрацијата е истата стара сметка што земјоделците ја повторуваат со месеци: производството поскапува побрзо од продажбата. Според најавите, барањата остануваат непроменети – намалување на трошоците за производство, гарантирани цени за земјоделските производи, измени во правилата на државниот осигурителен систем ЕЛГА и целосна компензација за загубите на културите. Земјоделците тврдат дека темите биле отворени и на средбите со премиерот Киријакос Мицотакис, но без решение што би ја пресекло кризата на терен, па мобилизацијата продолжува.

Овојпат, протестот добива и поширока социјална слика. Синдикатите што претходно закажаа протест на истата локација против владиниот закон за колективни договори најавија дека ќе останат на плоштадот и ќе дадат поддршка на земјоделците, со што центарот на Атина станува сцена на две паралелни незадоволства – од производството и од трудот.

Грчките власти воведуваат сообраќајни ограничувања во централните делови на градот и на главните правци во регионот Атика, со очекувани гужви на влезовите во престолнината и околните магистрални патишта. Според грчките медиуми, дел од земјоделците пристигнуваат и организирано – со автобуси, а тракторите во дел случаи се транспортираат со камиони, за да се контролира движењето на конвојот низ градските артерии.

Можете да прочитате

Македонец запалил пицерија во Белград

Силен земјотрес ја стресе Албанија вечерва

Лекарка од итна помош во Загреб под истрага поради фотографии со наводна употреба на кокаин