Утрински Весник
Македонија

Градот убав повторно никна, сега ние ја покажуваме солидарноста и кон Грција, која се бори со пожари, вели Ковачевски на 60-годишнината од разорниот земјотрес

Градот убав повторно никна, сега ние ја покажуваме солидарноста и кон Грција, која се бори со пожари, вели Ковачевски на 60-годишнината од разорниот земјотрес

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на свечената седница во Собранието на Република Северна Македонија по повод шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес, кој го погоди Скопје во 1963 година.

dobivaj vesti na viber

„Денеска, Скопје одбележува шеесет години од катастрофалниот земјотрес, кој во не толку далечната 1963 година градот го срамни со земјата оставајќи многубројни жртви и последици. Шеесет години незаборав и длабока лузна во нашите срца за изгубените животи, на кои денеска им оддаваме должна почит. Шеесет години тажни спомени на една слика и едно време, препознатливо по својата уникатност, по која и денес се копнее. Во нашата колективна меморија вечно ќе остане врежан 26 јули, кога точно во 5.17 часот разорниот земјотрес го погоди нашиот главен град, a трагата што ја остави беа многу загинати, повредени и илјадници без покрив над главата“, рече тој.

Скопје, денес, како што рече, стана симбол на светската солидарност, сплотеност и огромната пожртвуваност на сите оние што помогнаа да се изгради градот, кој доби нов архитектонски изглед.

„Скопје денес е познат како град на солидарноста, и тоа, дефинитивно, не е само фраза. Град на солидарноста е кодот на Скопје.

Речиси секој дел, зграда, улица во Скопје е споменик на солидарноста. Над 80 земји оставиле толку многу зад себе. Тафталиџе, Маџари, Ѓорче, Козле, Центар – засекогаш ќе се сеќаваат на долгите списоци на објекти, училишта, поликлиники, станови, бараки, детски градинки подарок од целиот свет. Музејот на современата уметност, каде што се наоѓаат делата на големите Пикасо, Вазарели, Лубарда и голем број други, кои на разрушениот град како подарок му ги испратија своите дела“, истакна Ковачевски.

Северна Македонија, според него, секогаш знаела да понуди помош и поддршка и да им помогне на загрозените, на немоќните, на изнемоштените. Помогнавме и подадовме рака кога тоа беше потребно. Бевме дел од спасувачките мисии и помогнавме со учество во хуманитарни акции и со парична помош во санирањето на последиците од катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.

„Учествувавме и во спасувачките акции по силниот земјотрес што ја погоди Албанија, каде што испративме и парична помош за санирање на последиците од земјотресот. Со финансиска и хуманитарна помош помогнавме и за санирање на последиците од големите поплави во Албанија. Се придруживме на глобалните напори за помош на украинскиот народ, каде што испративме хуманитарна и воена помош и ѝ даваме поддршка на Украина во зачувување на својот територијален интегритет и суверенитет.

Светот го памети и нашето гостопримство и за илјадниците, стотиците бегалци, кои поминале, транзитирале или привремено останувале тука.

Но, и во многу други ситуации сме ја покажале нашата грижа за благосостојбата на другите кога и тие биле соочени со деструктивните последици од природните непогоди.

Ја покажавме и сега кога нашиот сосед Грција се бори со огнените јазици кому исто така му понудивме помош како што ја практикувавме и претходни години кога помош беше потребна во справување со пожарите кај нашиот јужен сосед.

Солидарноста живее во нас и со нас“, дополни премиерот.

Според него, катастрофалниот скопски земјотрес, кој е длабоко врежан во нашето минато, за нас е поука и порака да продолжиме сплотени да го чуваме и градиме нашето општество врз темелите на солидарноста, пожртвуваноста и заедништвото.

„Да градиме општество базирано на демократски вредности, на грижа за другиот, емпатија и хуманост, вредности што ќе ги пренесеме и на генерациите што идат. Скопје е нашиот главен град. Да го негуваме и чуваме и да се грижиме за него и за нашата држава како што тоа го правеле и предците пред нас, а ќе продолжат генерациите по нас“, порача Ковачевски.

Можете да прочитате

Минчев: Имаме преголема и пребавна јавна администрација, работиме на нејзино кратење

Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, ветува Николоски

ВО МАКЕДОНИЈА ДОАЃА ГОЛЕМ ВЛАЖЕН И ЛАДЕН ЦИКЛОН: Ќе донесе многу дожд, снег и снежна покривка од над 40 сантиметри!