Утрински Весник
Македонија

Говор што инспирира со простор за конкретизација

Kekenovskijove.jpg

Анализа на обраќањето на претседателката Сиљановска-Давкова за Илинден 02 август 2025, Мечкин Камен

Пишува; Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ


Говорот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, одржан на Мечкин Камен по повод 2 Август – Илинден, беше еден од ретките јавни настапи на висок функционер кој не се изгуби во празна патетика или политички опортунизам. Напротив говорот беше јасен, вредносно конзистентен и реторички впечатлив. Но, токму неговата реторичка сила, ги подвлече и неговите позитивности и според мене одредени мали празнини и недостатоци.

Сиљановска не зборуваше како лидер на партија, туку како претседателка на држава. Тоа е веќе значаен политички сигнал. Не правеше поделби, не провоцираше, туку побара обединување. Историскиот континуитет што го повлече од Крушевската Република, преку АСНОМ до самостојноста во 1991 година, беше внимателно и одлично избалансиран и речиси консензусен односно сметам дека беше општеприфатлив од страна на граѓаните на државата. Симболиката на „Magna Carta Libertatum“ и повикувањето на Гоце Делчев беа повеќе од реторика односно порака дека државата има правна, демократска и културна логика на постоење, која не може да биде уценета.

Но, тука мислам дека државничката визија за целовитост некако набрзина заврши. Ова го потенцирам поради тоа што по воведната историска длабочина следеше дел кој, иако самокритичен, остана на рамниште на дијагноза без терапија. Претседателката со силни зборови посочи на „ендемската корупција“, „партократијата“ и „неказнивоста“, но не понуди вредносен или институционален одговор, не повика на политички пакт, ниту пак покажа визија, дури ни од позицијата од која нејзината функција ѝ дозволува да зборува: моралната платформа на државата.

Во рамките на уставните надлежности, нашиот претседател не управува со економијата ниту со буџетот. Но, претседателот може и треба да зборува и да посочува на приоритети. Може да иницира јавен дијалог и да ги обедини граѓаните околу вредности, особено кога политичките партии од власта и опозицијата не можат да се усогласат. Кога млади луѓе масовно заминуваат од државата, не е доволно само да се констатира тажната реалност, туку мора да се испрати порака, апел или покаѓе визија дури и ако таа е симболична како на пример: ,,Македонија како место на знаење, дигнитет и надеж, а не како географска случајност од која сите сакаат да избегаат“ или пак други слични повици и апели.
Истото важи и за европската интеграција. Сиљановска зборува за 2030 година како крајна цел за членство во ЕУ, но не го допре проблемот со уставните измени, преговарачката рамка и билатералниот како и притисокот од функционерите на ЕУ. Не зборуваше за цената на интеграцијата. Во овој сегмент сметам дека недоволно ја истакна својата уставна и морална позиција, за која лично мислам дека досега е одлична и е на линија со извршната власт. Не кажа што сме спремни да дадеме, а што никогаш нема да предадеме. А тоа е прашање што само таа, како врховен претставник на државата, има легитимитет да го постави и објасни.

Позитивниот дух на говорот е неспорен. Тоналитетот беше достоинствен, отворен и умерен. Но, еден празен простор остана непополнет. Се работи за просторот на давање појасна насока на замислата каква држава сакаме да бидеме и со кои вредности ќе го исполниме тој пат. Бидејќи не се доволни само спомениците, химните и знамињата и удирањето по градите. Претседателот и владата мора да имаат јасна и усогласена насока на движење и делување посебно во делот на надворешната политика, бидејќи во спротивно државата ќе тапка во место, а кај граѓаните ќе преовладува чувство на состојба на постојан застој и статус кво. Токму затоа, добрата соработка со владата на ова поле мораше посебно да се нагласи.

И покрај ова моја лична перцепција како и дадените забелешки говорот на претседателката Сиљановска-Давкова покажа зрелост и достоинство што ѝ доликуваат на функцијата. Тоа не беше говор на поделби, туку говор на обединување. Не беше празен патриотизам, туку осмислен повик за самопочит.

Во споредба со говорите на некои од нејзините претходници, обраќањето се издвојува по правната јаснотија, вредносната конзистентност и отсуството на политичка популистичност. Наместо фрази и декларации, Силјановска понуди контекст, референца и повик за одговорност. Тоа е вредно да се препознае како чекор напред кон една посериозна и поодговорна политичка, институционална и општествена култура во јавниот и политичкиот живот сособено во соработка и дослух со извршната власт.

Можете да прочитате

Петрушевски: Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски

СДСМ: Има ли „Алказар Енерџи”одобрение за градба или не, каков е бизнис интересот на Божиновска и Мицкоски?

Околу еден час се чека на ГП Богородица и Дојран, а 40 минути на Табановце