Германскиот амбасадор во Велика Британија, Мигел Бергер, денеска изјави за „Скај њуз“ дека во наредните недели очекува нов бран украински бегалци, што ќе се совпадне со ниските температури.
„Путин продолжува да го тероризира цивилното население. Ние сме многу загрижени поради тоа бидејќи овие напади врз енергетската инфраструктура значат дека многу луѓе кои се смрзнуваат на ниски температури би можеле да бидат принудени да ја напуштат Украина“, рече Бергер, додавајќи дека како резултат очекува нов бран на бегалци.
Снег веќе падна во голем број украински градови, вклучувајќи го и главниот град Киев, оваа година, а жителите се борат со ниските температури и руските напади врз енергетската инфраструктура, предизвикувајќи периодични прекини на струјата, водата и греењето. Од почетокот на војната, стотици илјади украински бегалци избегаа во Германија.
Во однос на дипломатијата, Бергер вели дека Германија не гледа суштинска промена во позицијата на Русија, што не го прави оптимист за преговорите меѓу Москва и Киев: „Не само што не гледаме суштинска промена во позицијата на Русија, туку и нема подготвеност за дипломатско решавање на конфликтот“.