Германската влада ја усвои рамката за легализација на канабисот, соопшти министерот за здравство Карл Лаутербах.
Усвоениот документ, како што појасни на прес-конференцијата, треба да ја декриминализира употребата на канабис и неговото производство.
Лаутербах нагласи дека првиот чекор е направен со документот и дека сега е потребно да се анализира дали намерите се одржливи според европското и меѓународното право.
Тој рече дека документот ќе биде доставен до Европската комисија и дека се очекува брз одговор дали е во согласност со европското право, за да се премине на изработка на законот.
Германскиот министер нагласи дека коалицискиот договор предвидува декриминализација на употребата на канабис, со цел поголема заштита на младите и здравјето на граѓаните.
Тој рече дека претходниот пристап бил неуспешен бидејќи консумацијата на канабис постојано се зголемува, како и уделот на психоактивната супстанца ТХЦ.
Претходниот пристап, вели тој, го поттикнал црниот пазар, а со тоа и криминалот.
За разлика од Холандија, Германија сака да го контролира целиот пазар – одгледување, продажба и потрошувачка.
„Сакаме да лиценцираме и да го регулираме производството и продажбата само преку лиценцирани продажни места. Од холандското искуство научивме дека не сакаме да го легализираме канабисот без контрола“, рече тој.
Лаутербах, на прашањето дали некогаш користел канабис, потврди дека еднаш го направил тоа јавно за да ги види ефектите.
Тој посочи дека минатата година околу четири милиони Германци користеле канабис, а меѓу младите уделот бил околу 25 проценти.
Според владината одлука, канабисот и ТХЦ, откако ќе се донесе законот, нема законски да се третираат како наркотици.
Ќе биде дозволено и ограничено приватно производство – три растенија по возрасен.
Продажбата на канабис се обезбедува преку лиценцирани продавници, со пристап само за возрасни.
Продажбата без лиценца останува кривично дело.
Идниот закон, сепак, ќе забрани рекламирање на канабис.
Тој објасни дека поради ризикот од оштетување на мозокот што може да го предизвика канабисот кај младите, се истражува дали ќе има ограничување на количината на TХЦ во производите од канабис за клиентите на возраст под 21 година.
Покрај вообичаениот данок, ќе се воведе и данок за канабисот, чија висина ќе зависи од количината на ТХЦ.
Ќе биде дозволено да се продаваат производи од канабис за пушење и вдишување, но и во форма на капсули, спрејови или капки, но не и во форма на бисквити, слатки и слично.
Лаутербах рече дека германскиот модел може да биде модел за цела Европа.