Утрински Весник
Свет

Германија стравува дека поранешни пилоти ѝ оддаваат тајни на Кина

Германија стравува дека поранешни пилоти ѝ оддаваат тајни на Кина

Германија во минатото официјално спроведуваше програми за воена обука со Кина како дел од вообичаената практика за размена на техничко и тактичко искуство меѓу армиите. Освен тоа, не е невообичаено членовите на службата да одат во приватниот сектор откако ќе се пензионираат.

dobivaj vesti na viber

Деновиве, сепак, правилата повнимателно се разгледуваат, за што сведочи и бурната реакција во Германија на извештајот што фрла светлина на инаку вообичаената практика. Имено, неколку пензионирани пилоти на германското воено воздухопловство отишле во Кина врз основа на профитабилни приватни договори за обука, пренесоа „Шпигел“ и јавниот радиодифузер ЗДФ.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус, кој беше на безбедносен самит во Сингапур кога беше објавена сторијата, му рекол на својот кинески колега Ли Шангфу дека очекува „ваквата практика веднаш да биде прекината“.

Сè се случува во момент кога германската влада, по убедување од САД, ги разгледува економските и стратешките односи со Кина.

„Постои итна потреба да се заострат правилата за луѓето кои, поради природата на својата работа за германската држава, имаат пристап до информации поврзани со безбедноста,“ вели Маркус Фабер, пратеник и член на парламентарната Комисија за одбрана.

Самата работа не прекршува никаков закон, но правната сива зона ѝ дава одредени овластувања на германската влада да го запре таквиот трансфер на знаење.

Пензионираните војници и другите државни службеници во принцип смеат да ја користат својата експертиза- освен за оддавање држабвни тајни- но подлежат на „ретроактивни“ обврски на службата што значи дека мора да пријават таков ангажман и се обврзани да ја чуваат доверливоста на податоците, вели  портпаролот на германското Министерство за одбрана.

Министерството потоа проверува дали има конфликт на интереси и може да не одобри вработување ако утврди дека постои таков конфликт.

Во конкретниот случај, Министерството изразило загриженост дека кинеските пилоти не добиваат само основна обука за летање, туку и информации за тактиката и оперативните способности на НАТО, но не е јасно дали ова претставува прекршување на правилата за доверливост.

Јужноафриканската школа за летови (ТФАСА), која е спомната во извештајот, негираше дека ја загрозува националната безбедност на која било земја и додаде дека сите аспекти на обуката и материјалите се добиени од јавно достапни извори на податоци или од самите клиенти.

Но Кина има долга историја на успешно користење на странско знаење за домашни потреби и ги презеде сите западни достигнувања во академската средина и истражувањата, индустријата, технологијата и интелектуалната сопственост, како и во одбраната.

„Работата со пензионирани западни пилоти ѝ овозможува на кинеската армија да ја усоврши својата доктрина, а тоа е во суштина кражба на тајните за воените вежби од западните земји“, рече Цу-Јун Су, научен соработник во тајванскиот Национален институт за истражување за одбрана и безбедност.

 

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници