Утрински Весник
Свет

Германија нема да одобри нова помош за Украина

Tenkovi Ukraina.jpg

Германија е еден од најважните сојузници на Украина во војната против Русија и еден од најголемите донатори на воена помош. Но, според извештајот на „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ (ФАС), тоа сега се менува: според сегашното буџетско планирање, поради штедењето, германската влада нема да одобри никаква нова помош за Украина, пренесува Дојче Веле.

Германската влада тукушто, со судни маки, постигна договор околу новиот буџет. Но, во него има дупка од над 12 милијарди евра, кои треба да се заштедат од сегашниот буџет.

Како што пишува ФАС, повикувајќи се на документи и мејлови, како и разговори од повеќе извори на сојузната влада, до Киев може да се достави само воена помош што е веќе одобрена. На барање на сојузниот канцелар Олаф Шолц, нови барања повеќе нема да се одобруваат.

На 5 август, министерот за финансии Кристијан Линднер испрати писмо до министерот за одбрана Борис Писториус и министерката за надворешни работи Аналена Бербок во кое се наведува дека „нови мерки“ може да се преземат само доколку се „обезбеди финансирање“ во буџетските планови за оваа и следните години. Во исто време, треба да се осигура дека се почитуваат горните граници.

Замрзнувањето на новата помош е веќе на сила, бидејќи за тековната година веќе се планирани средства во износ од околу осум милијарди евра. Максималниот лимит за следната година е четири милијарди евра и веќе е пребукиран. Тоа значи дека еден достапен систем за воздушна одбрана ИРИС-Т не може да се финансира, пишува ФАС.

Како што пишува ФАС, потврда за ова стигнала и од Комисијата за буџет во Бундестагот. Андреас Шварц (СПД), експерт за буџет и одбранбена политика, изјави за весникот дека во моментов „не се вршат нови порачки“ за Украина бидејќи тие повеќе не се финансираат. Буџетскиот политичар на ЦДУ Инго Гедешенс исто така го потврди ограничувањето на помошта за Украина:

„Олаф Шолц и неговата влада преку ноќ ја замрзнаа финансиската, а со тоа и воената поддршка за Украина“.

Сепак, министерот Линднер не очекува нагло прекинување на финансиската и воената помош за Украина. Според ФАС, наместо од германскиот буџет, парите во иднина ќе доаѓаат од профитот од замрзнатите руски средства.

Според американската влада, од рускиот напад на Украина, западните земји замрзнале околу 280 милијарди американски долари (околу 260 милијарди евра) средства на Руската централна банка, од кои голем дел, според податоците на Комисијата на ЕУ , околу 210 милијарди евра, се наоѓаат во Европската унија.

На самитот на Г7 во јуни во Италија беше договорено од каматата на овие замрзнати руски пари да се финансира заем од 50 милијарди долари за Украина.

Иако останува нејасно кога може да се спроведе одлуката на Г7, поради големите бирократски и правни проблеми, ЕУ објави дека на крајот на јули веќе ѝ ја исплатила првата транша од 1,5 милијарди евра руски камати на Украина.

Новинската агенција АФП цитира извори од германското Министерство за финансии кои велат дека сојузната влада работи „во рамките на Г7 и ЕУ на отворање на краткорочен финансиски капацитет во вредност од 50 милијарди долари за Украина користејќи замрзнати руски средства“. „Германската билатерална помош останува на највисоко ниво, но се потпира на ефикасноста на овој инструмент“.

Можете да прочитате

Борел: Путин е одговорен за смртта на Алексеј Навални

Москва: Гроси ќе ја посети нуклеарната електрана во Курск заради проценка на безбедноста

Си Џинпинг се сретна со новиот лидер на Виетнам