Утрински Весник
Скопје

Герасимовски: Почна реконструкцијата на улица „Ленинова”, воведен привремен режим на сообраќај

L2.jpeg

Општина Центар започна со реконструкција на вториот дел од улицата „Ленинова” во должина од над 600 метри, на потегот од бул. „Партизански одреди” до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во моментов се реализираат првата и втората фаза од реконструкцијата, на делот од бул. „Партизански одреди” до ул. „Наум Наумовски Борче”.


На овој потег воведен е привремен режим на сообраќај во период од 30 дена, при што едната половина од коловозот е затворена, додека сообраќајот се одвива по другата половина од улицата.

Реконструкцијата на улица „Ленинова” ќе се одвива во повеќе фази. За време на асфалтирањето, одредени делови од улицата ќе бидат целосно затворени, а возилата ќе се пренасочуваат по соседните улици. Станарите ќе имаат пристап до своите домови, а нивното движење ќе биде рачно регулирано во координација со изведувачот, при што непречено ќе се пропуштаат и интервентни возила.

„Во програмата ветив подобрување на патната инфраструктура во општината. Со реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова” воспоставуваме континуитет со првиот дел од оваа сообраќајница. Се предвидува уредување на коловозот, тротоарите и пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зеленилото долж целиот потег, со што овој дел од улицата ќе добие поуреден и побезбеден изглед за сите учесници во сообраќајот”, рече градоначалникот Горан Герасимовски.

Првиот дел од улицата „Ленинова” беше саниран во 2023 година, на потегот од бул. „Партизански одреди” до бул. „Митрополит Теодосиј Гологанов”.

Тогаш беа поставени нов асфалт, нова водоводна и атмосферска канализација, реконструирани тротоари, поставено ЛЕД-осветлување и воведен резидентен паркинг.

Можете да прочитате

Ѓорѓиевски: Во Градскиот парк се уредуваат пешачките патеки и се обновува урбаната опрема со нови клупи и канти за отпадоци

Бесплатни превентивни прегледи на платото пред Здравствен дом „Железничар“ за Меѓународниот ден на здравјето

ВИДЕО Хаос со новиот возен ред на ЈСП: Патници се жалат на доцнења и гужви