Општина Илинден почнува самостојно изградба и доградба на градинката „Гоце Делчев“ во населеното место Марино, истакна Александар Георгиевски, градоначалникот на општина Илинден.
„Со оваа доградба го решаваме проблемот на листите што ни се за престој на најмалите деца, на возраст од 9 до 24 месеци. Конкретно, јаслените групи. Со оваа доградба со капацитетите што ќе се создадат, а тоа се над 300 квадратни метри, неколку занимални и каде што ќе може да се примат 40-50 мали дечиња, го решаваме трајно проблемот со јаслените групи. И во Илинден веќе ќе немаме на листа на чекање за ниедно дете“, рече тој.
Инвестицијата, како што информира, е на Општина Илинден, без поддршка на централните институции.
„Инаку, моментно почнавме деновиве со еден капитален проект за изградба на фекална канализација во делот на населено место Илинден, местото наречено Плац и Ограѓе, од вкупна должина од 4.200 метри, со препунктни уреди, што ќе го реши трајно проблемот со фекална канализација на тој дел од Илинден, каде што живеат над 1.300 граѓани. Еден од најтешките делови, каде што има дупчење под автопатот, железнички пруги итн. Општина Илинден комплетно со свои средства ќе го реши овој горлив проблем на граѓаните на населеното место Илинден.
Моментно, паралелно на ова работиме на реконструкција на локалниот пат Илинден – Хиподром во должина од над 800 метри, заедно со Скопскиот Плански Регион. Главен пат што нè поврзува со општината Гази Баба и со градот Скопје и овој пат е од многу големо значење за сите жители на општина Илинден. На, овој начин го решаваме и овој проблем од наша страна, се надеваме дека во брзо време Град Скопје ќе се охрабри да ѝ даде дозвола на Општина Гази Баба да го доврши и преостанатиот дел од страната на Гази Баба“, истакна тој.
Се работи, како што рече, на комплетна реконструкција на покривната конструкција училиштето „Ристо Крле, над 1.600 квадрати.
„Старо училиште, каде што имаше азбестен кров. Со овој проект комплетно се менува покривот и се заштитува животната средина и нормално добиваме комплетен покрив што ќе биде во интерес најнапред на децата, но и на целата околина.
Работиме на реконструкција на секундарни улици, помали улици, локални улици, моментно се асфалтираат деновиве 5-6. А, деновиве уште толку. Очекуваме дека до крајот на годината 30-ина улички ќе се асфалтираат во Илинден само за овие 2-3 месеци.
Се работи паралелно и на други проекти на фекална канализација, работиме на спортските терени, комплетно со вештачка трева го реконструиравме со ново ЛЕД-осветлување и со заштитни огради теренот во Кадино. Моментно се работи на комплетна реконструкција на теренот на Миладиновци.
Периодов што следува ќе почнеме со изградба на ново комплетно мултифункционално игралиште тука во Илинден, така што Општина Илинден работи 24/7 и се надеваме дека не само овие проекти, туку и во многу блиска иднина ќе почнеме со многу други, ќе ги довршиме постојните. И тоа сè со цел да ја направиме општина Илинден подобро место за живеење за нашите граѓани“, истакна Георгиевски.