Оваа сабота, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи концерт, во кој во интимна атмосфера ќе биде претставена жанровски неограничената и автентична музика на еден од нашите најплодна и најнеобични композитори.
Концертот „ДУЕТИ“ на Георги Шарески, на кој ќе бидат изведени авторски композиции на овој наш музичар кој дипломирал на Беркли и е со светска кариера, аранжирани се за две различни дуо формации. Дуети за клавијатури и контрабас, во изведба на Џијан Емин и Оливер Јосифовски, двајца најдолгогодишни и најблиски соработници на Шарески, и интернационално етаблирани и реномирани македонски музичари. А во вториот дел се дуети за усна хармоника и гитара во изведба на Марко Јовановиќ, кој е еден од најпознатите европски мајстори на усната хармоника.
На овој концерт ќе биде и македонска премиера за музиката од новиот албум на дуото Шарески-Јовановиќ, насловен како „Big Love” кој ќе биде објавен во февруари 2023.
Георги Шарески е врвен џез музичар и композитор, кој особено внимание посветува на бојата на звукот и на аранжманите каде тој балансира музички помеѓу традициите во овој жанр, но и на иновациите. Зад себе има десетина албуми, настапувал на бројни светски џез сцени во различни формации..трио, квартет, квинтет.
Но процесот на компонирање и оркестрирање е можеби место каде што тој е најмногу свој.
„Тоа е различен процес од настапи и концерти, поради тоа што тогаш сум сам, а кога сум сам, сѐ зависи од мене, и ми е многу полесно да немам сомнежи. Во однос на настапи, исто така ми е најубаво кога не постои сомнеж, и поради тоа, во последните неколку години многу внимавам на тоа со кого соработувам. Најмногу сакам да работам со музичари со кои имаме сличен сензибилитет и силна жед за нова и уникатна креација“, изјави Шарески пред најавата за овој посебен концерт кој започнува во 20ч, а билетите се веќе во продажба по цена од 350 денари на билетарата на филхармонија.