
Фондот за здравство одбил неколку од преживеаните во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани да им биде исплатен надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и медицинско лекување, затоа што пред пожарот од 16 март, тие немале 6 месеци врзан стаж на работното место што е законски услов за остварување на ова право.
Документите што дел од одбиените ги испратиле до редакцијата на „Слободен печат“ потврдуваат дека во подрачната канцеларија на Фондот за здравство во Кочани, месецов дел од преживеаните кои што имаат изгореници на рацете и не можат да ги користат за работа, а кои биле по 40 дена во странски болници на лекување по катастрофата во „Пулс“, поднеле барање за надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа. Но, барањето од страна на подрачната канцеларија на ФЗОМ во Кочани им е одбиено и покрај тоа што во него имало и извештај од лекар за привремена спреченост за работа.
„Бидејќи во конкретниот случај лицето е вработено во октомври 2024 година а прв ден на спреченост на работа е 16 март 2025 година, значи дека осигуреникот има здравствено осигурување помалку од 6 месеци пред настанување на случајот и затоа барањето се одбива како неосновано“ – пишува во едно од решенијата за одбивање.
Така дел од преживеаните во најголемата катастрофа во поновата македонска историја, моментално зависат од милоста на нивните компании кои им го плаќаат боледувањето, но и живеат во неизвесност до кога таквата исплата ќе продолжи.
Освен ваквите случаи од приватниот сектор, меѓу повредените и преживеаните што немаат право на надоместок на плата додека се на боледување, односно немаат право државата да им го плаќа истото, се и вработени во државниот сектор што имале работен однос пократок од 6 месеци. И тие немаат шест месеци консекутивен стаж на работното место и моментално се „жртви на законот“ и се снаоѓаат.
Ваквото постапување на Фондот за здравство е законско, но поради вонредноста на ситуацијата повредените бараат да се направат промени или исклучоци, да се донесе каков било правен механизам во форма на владина одлука или амандман, за да можат да добијат барем материјална сигурност и да се фокусираат на своето долгорочно лекување и физикална рехабилитација.