Системот на Фондот за здравство бил цел на хакерски напад. По три дена, институцијата се реши да признае дека, всушност, системот има технички проблем и не функционира дел од серверите.
„Моментно ФЗО се справува со сајбер-напад, кој предизвикува нефункционалност во дел од ИТ-системите. Експертски тим работи 24/7 за справување со предизвиците и нивно отстранување во најбрз можен рок. Приоритет се дава за најбргу што може да се врати во функција системот за исплата на боледувањата, породилното и рефундациите, а ФЗО веќе има издадено упатство кон подрачните служби за решенија со кои граѓаните тековно ќе ги остваруваат своите права“, велат од ФЗО.
„Макфакс“ побара од Фондот токму листа на услуги што во моментот, поради паднатиот систем, не им се достапни на корисниците. Оттаму, наместо листа, Фондот испрати соопштение, без никакви детали. Од оваа институција не кажуваат дали листата со лични податоци на стотици илјади осигуреници завршила во рацете на хакерите, како и тоа дали се загрозени.
Во меѓувреме, „Макфакс“ побара одговор и од МВР дали кај нив е пријавен сајбер-напад, од каде што негираа. Тие посочија дека има технички проблеми.
„Од страна на ФЗОМ до МВР е пријавено дека имаат технички проблеми на дел од серверите. МВР постапува по пријавата за дијагностицирање и отстранување на проблемот“, велат од институцијата.
Системот на Фондот е паднат од понеделникот. Пациентите што немаат матичен лекар не може да изберат нов, а оние што имаат потреба од боледување повеќе од 15 дена не може да добијат документ за да го оправдаат отсуството од работа. Избраните матични лекари во согласност со договорите со ФЗОМ до 10 во месецот треба да ги достават фактурите, а тоа не може да го направат.
Фондот и денес уверува дека и покрај детектираните технички проблеми и нефункционалности на дел од електронскиот систем, пациентите ќе може и понатаму непречено да се лекуваат на сите клиники, како и преку матичните лекари, кои може да вршат прегледи, да издаваат упати и рецепти, кои се подигнуваат во аптеките без застој.