Утрински Весник
Македонија

Функционална медијација е клуч за растеретување на судовите и намалување на процесните трошоци

Image 2025 11 26 145530466.png

Медијацијата во земјава мора да стане функционален и одржлив систем кој ќе ги растерети судовите и ќе обезбеди побрзо решавање на споровите. Ова беше истакнато на денешниот настан „Иднината на медијацијата во Република Северна Македонија: трендови и предизвици“, на кој учествуваа претставници од институциите, судството, академската заедница и медијаторскиот сектор.

Во своето обраќање, националниот координатор за медијација Љупчо Сотировски нагласи дека медијацијата има долга традиција во државата и јасна перспектива, но дека системот мора да се доусоврши и институциите да преземат поактивна улога. Целта е, истакна Сотировски, да се изгради функционален, модерен и ефикасен модел којшто ќе ги растерети судовите. Тој оцени дека медијацијата не се користи доволно и дека постојат слабости кои произлегуваат најмногу од нефункционалноста на Комората на медијатори, но и од недоволното познавање на процесот и лошата меѓуинституционална координација.  

– Недоволна е поради нас самите, поради медијаторите, но и поради недоволното познавање и интерес. Недостасува информација и координација за тоа што предвидува Законот за медијација и како треба да функционира интеракцијата меѓу сите носители на процесот,  односно институциите, Владата, Министерството, експертите и академската заедница, нагласи Сотировски.

Националниот координатор за медијација предупреди дека Комората на медијатори е блокирана веќе две години и дека тоа го загрозува целиот систем. Според него, особено важно е да се воспостави функционалност на Комората на медијатори, бидејќи „без функционална Комора, медијацијата нема иднина“. – Потребно е да се иницира собрание, да се избере раководство и да се продолжи со издавање и трансформирање на лиценците. Ако не го направиме тоа, сите рокови ќе истечат и системот ќе запре, рече Сотировски.

Според податоците што ги презентираше, во 2024 година биле обработени околу 10 илјади предмети, најмногу трговски и работни спорови, додека примената во другите области, како што се семејните, потрошувачките, еколошките и здравствените, и понатаму останува недоволна.

Мора да се посвети особено внимание на семејните спорови, нагласи Сотировски, бидејќи „просечно, од три бракови, два завршуваат со развод“.

Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, пак, посочи дека во Предлог-програмата која што ја изработи Советот, а се однесува на борбата против корупцијата за периодот 2026-2029 година, е предвидено унапредување на функционалноста на медијацијата. Програмата ќе се имплементира во три фази, посочи Камбовски, и во неа е предвидено да се воспостави механизам за надзор и да се следи работата преку упатените предмети, степенот на спогодби, професионалните стандарди и самата реализација на предмети.

– Целите на таа програма ќе бидат јасни и дефинирани. Постојат многу нешта на кои особено сакаме да посветиме внимание. Иницирањето на постапките е особено значајно. Ќе бидат преземени и комплексни мерки, меѓу кои и механизми за надзор. Секако дека ќе постојат и ризици во оваа програма, но ќе бидат предвидени и мерки за нивно надминување, особено во делот на потенцијалната слаба координација, рече Камбовски.

Според заменик министерот за правда, Ален Деребан, граѓаните мора да бидат повеќе запознаени со можностите што ги нуди медијацијата. Целта е, рече, да се намалат судските спорови и трошоците на граѓаните кои што непотребно се изложуваат на процесни трошоци во судските постапки.

– Точно е тоа дека медијацијата треба да биде повирална и граѓаните да бидат дополнително и повеќе запознаени за можноста за медијација. Целта е да ги намалиме судските спорови и трошоците на граѓаните, кои што непотребно се изложуваат на тие процесни трошоци во судските постапки. Во моментов, за жал, медијацијата не е на највисокото можно ниво, оцени Деребан.

Главните причини за тоа, вели, се недоволната имплементација на законското решение и пропуштените рокови од страна на претходната влада за формирање на Национален совет за медијација и трансформирање на лиценците на медијаторите.

– Таквите постапувања ја доведоа во опасност работата на Комората. За жал, после истекот на мандатот на претходниот претседател, нема распишано избор на нов претседател, поради што нужно и неопходно ќе бидат одредени законски измени на кои работиме во овој период. Очекувам дека во многу брз рок ќе ги донесеме, за да можеме повторно да ја ставиме во функција Комората, бидејќи со нефункционалната Комора имаме проблеми во реализацијата на процесот на медијација, како алатка која што ќе значи еден посовремен, поевропски, потранспарентен и поуспешен систем, истакна Деребан.

На настанот свое обраќање имаше и судијата во Врховниот суд, Џемали Саити, којшто истакна дека медијацијата мора да се унапреди со системски пристап и дека различната примена на законските одредби создава проблеми. Според Саити, дел од граѓаните ја користат судската постапка за одложување на обврските, што дополнително го оптоварува системот, а медијацијата може да придонесе за поефикасни решенија.

Можете да прочитате

Синот на премиерот Мицкоски меѓу потешко затруените ученици во ОУ „Димо Хаџи Димов“

Девет колумбијки приведени во Гостивар за злоупотреба на туристички престој

Јаневска: Граѓанскиот сектор е клучен за креирање успешни образовни политики