Утрински Весник
Свет

Француските земјоделци втор ден ги блокираат автопатите околу Париз

20240129081401 Big 730x400 75 1.webp.webp

Француските земјоделци втор ден ги блокираат стратешките патишта околу Париз, а членовите на Конфедерацијата на селаните ги блокираат и влезовите во дистрибутивните центри во Кавајон во департманот Воклуз, на југот на Франција.

– Сакаме да ги блокираме логистичките центри затоа што бараме подобра распределба на додадената вредност. Масовната дистрибуција направи многу профит во последниот квартал и ние никогаш ништо од тоа не гледаме. Бараме да ги зголемат нашите откупни цени без зголемување на цените за крајните потрошувачи. Бараме, всушност, да ги намалат своите маржи. Ќе останеме колку што е потребно, рече претставник на земјоделците.

Генералната секретарка на синдикатот ЦГТ, Софи Бине рече дека го разбира гневот на земјоделците. Таа ја повика владата да „преиспита одреден број правни механизми“ за да се стави крај на шпекулативните операции со прехранбените производи.

Француската влада синоќа соопшти дека денеска ќе бидат преземени нови мерки во корист на земјоделците.

Владината портпаролка Приска Тевено, по состанокот на Советот на министри, изјави дека премиерот Габриел Атал вечерва ќе прими претставници на францускиот земјоделски синдикат ФНСЕА и членови на Здружението на млади земјоделци, во присуство на министрите за земјоделство, Марк Фено и еколошка транзиција Кристоф Бешу, пишува Фигаро.

Француските земјоделци вчера почнаа да ги блокираат осумте автопати кои го поврзуваат Париз со остатокот од Франција, а од минатата недела ги блокираа патиштата во делови од Франција поради владиниот данок за гориво за трактори, увозот на евтини земјоделски производи и ниските откупни цени, а бараат и намалување на даноците, исто како и земјоделците ширум Европа.

Земјоделците во Франција протестираат и против договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и извозниците на храна, особено поради договорот со јужноамериканскиот блок Меркосур, кој се уште е во фаза на изработка, а за кој тврдат дека исто така ќе придонесе за нелојална конкуренција на пазарот.

Можете да прочитате

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел