Франција ќе ги евакуира француските и европските државјани од Нигер почнувајќи од денеска, соопшти француското Министерство за надворешни работи, неколку дена откако армијата ја презеде власта во Нигер.
Исто така и Италија објави дека ќе организира лет за нејзините државјани.
Соборувањето на претседателот Мохамед Базум минатата среда, испрати шокантни бранови низ целиот регион.
Поранешната колонијална сила Франција веќе една деценија има сили во регионот за да помогне во борбата против исламистичкиот бунт, но некои жители се жалат од мешањето на Франција во нивните внатрешни политики.
Во неделата, приврзаниците на хунтата запалија француски знамиња и ја нападнаа француската амбасада во главниот град на Нигер, Ниамеј, по што полицијата употреби солзавец како одговор.
„Со оглед на ситуацијата во Нијамеј, насилството врз нашата амбасада и фактот дека воздушниот простор е затворен и нашите граѓани не можат сами да заминат, Франција подготвува евакуација на своите граѓани и други европски граѓани кои сакаат да ја напуштат земјата“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи. Очекувано е да се евакуираат 1.200 француски државјани.
Италијанскиот министер за надворешни работи денеска најави дека владата ќе организира специјален лет за враќање на италијанските државјани од Ниамеј, главниот град на Нигер.
„Италијанската влада одлучи да им понуди на нашите сограѓани во Нијамеј можност да го напуштат градот со специјален лет за Италија“, рече министерот за надворешни работи Антонио Тајани.