Утрински Весник
Македонија

Фирмата поради која е во притвор Богоев добила нов тендер од Царина вреден 420.000 евра

Img 6854.jpeg

Компанијата „Ремондис Медисон“, која е опфатена во истрагата за наводно местење тендер во Царинската управа, продолжила да склучува договори со институцијата и по заминувањето на поранешниот директор Стефан Богоев, објави ТВ Телма.

Според информациите, највредниот договор што компанијата го добила од Царинската управа е потпишан токму од наследникот на Богоев на директорската функција, Бобан Николовски. Станува збор за тендер за внатрешно одржување на хигиената во деловните објекти на Царинската управа, чија вредност изнесува околу 420.000 евра.

Ова не е единствениот договор што фирмата го добила од новото раководство. Во јануари 2025 година, „Ремондис Медисон“ била ангажирана и за внатрешно одржување на хигиената и одвоз на смет на заедничкиот граничен премин Белановце-Станчиќ, за сума од околу 8.000 евра.

Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири лица, меѓу кои и поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев.

Покрај Богоев, под истрага се и поранешен помошник-директор на Царината, управител на приватна компанија и вработен во истата фирма.

Од Обвинителството соопштија дека според досега обезбедените докази, првоосомничениот како директор на Царинската управа ја злоупотребил службената положба и влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на одреден понудувач. Второосомничениот, пак, како помошник-директор, наводно влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката.

Осомничените се товарат за злоупотреба на постапка за јавна набавка, како и за примање и давање награда за противзаконито влијание. За четворицата е предложена и мерка притвор.

Можете да прочитате

Куманово под засилени контроли: Еден уапсен, четири кривични дела и десетици казни

Попладнево голема полициска акција во Скопје: Црвено светло, без кацига и нерегистрирани мотори санкционирани 326 возачи

Крвава пресметка по кавга во сообраќајот: Ранет маж во главата кај Шишево