Утрински Весник
Македонија

Финансии одлучи да се вратат старите цени на полисите при регистрација на возила

Vozila.png

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност во Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност и да се вратат старите.

Од Министерството за финасии попладнево соопштија дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност утврдила потреба од измени на тарифата за премии за осигурување и подготвила предлог-измени со кои се враќа цената на осигурувањето за автоодоговорност на ниво како пред 25 април годинава.

Одлуката е епилог по денешниот нов состанок во Министерството, откако осигурителните компании самоиницијативно ја поскапеа задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила за 15,4 отсто.

Со нивните одлуки цената на полисата за задолжителното автоосигурување од страна на осигурителните компании поскапе за 15,44 отсто за регистрација на возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 до скоро 1 600 денари во зависност од моќноста на возилото.

На состанокот во понеделникот, Агенцијата за супервизија на осигурувањето побара враќање на старите цени, но осигурителните компании останаа на своите одлуки за нивно поскапување.

Комисијата при МФ предлага измени на тарифата за премии за осигурување со кои трошоците за вршење дејност на осигурителните компании се ограничуваат на 15 до 30 отсто од техничката премија, со што ќе се вратат старите цени.

Конечната одлука по предложените измени треба да ја донесе Владата.

„Предложените измени се насока на утврдување на опсег од 15 отсто до 30 проценти, во кој друштвата за осигурување можат да го определат делот на премијата за вршење дејност на осигурување од автомобилска одговорност, а за секој износ на овие трошоци над 30 отсто, да побараат претходна согласност од Агенцијата за супервизија на осигурување. Ова значи враќање на цената на осигурувањето од автоодговорност на ниво од пред 25 април 2024 година“,се наведува во соопштението од Министерството за финансии, од каде што додаваат дека предлог-одлуката на Комисијата е доставен на усвојување до Владата.

Дополнително, велат оттаму, е утврдено Комисијата најдоцна до 30 септември секоја година до Владата да доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување за следната година.

Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), која е регулатор на пазарот на осигурување денеска соопштија дека целосно е неоправдан потегот со кој осигурителните компании ги зголемија цените на осигурувањето од задолжителна автомобилска одговорност, како и дека зголемувањето на цената на осигурувањето не е во функција на јакнење на заштитата на осигурениците.

До надлежната комисија при Министерството за финансии, Агенцијата достави анализа во која се содржани клучните аргументи против зголемување на цената на осугурувањето од задолжителна автомобилска одговорност.

Анализата покажува дека над 45 отсто од трошоците за вршење на дејноста на 11 осигурителни компании, односно над 17 милиони евра, се потрошени за исплата на провизии. Ова осигурување е задолжително при регистрација на возилата, а неговата цена ја утврдува државата, па се поставува прашањето зошто компаниите имаат потреба од посредници кои толку многу ги плаќаат.

„Освен една компанија, сите останати 10 компании оствариле солидни добивки на крајот на 2023 година, главно како резултат на високото учество на приходите по основ на осигурување од автоодговорност. Но, профитабилноста на компаниите се разликува. Доколку остане одлуката на друштвата за осигурување за повисока премија поради повисоки зафаќања за покривање на оперативните трошоци, тоа би било неоправдано стимулирање на оние кои досега не биле оперативно ефикасни“,се вели во анализата на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Од Министерството за финансии велат дека ставот на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност е поткрепен со мислењето на АСО како регулатор дека ваквото постапување на друштвата за осигурување влијае врз стабилноста, сигурноста и предвидливоста на функционирање на целиот систем на осигурување во насока на штета на осигурениците, односно сопствениците на моторни возила.

„Состојбите на пазарот ќе се следат и во наредниот период и ќе се преземаат соодветни одлуки, врз основа на анализи и во еден отворен и транспарентен процес. Во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност во втората половина од април 2024 година, Министерството за финансии ја свика Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност која одржа седници на 26, 29 и 30 април и 2 мај 2024 година, со цел да ги разгледа сите аспекти од носењето на овие одлуки“,велат од Министерството за финансии.

Можете да прочитате

Герапетритис: Грчката Влада реагираше брзо и го интернационализираше прашањето по инаугурацијата на Сиљановска

Денес (петок) краткотрајна стабилизација на времето, но и поголем пораст на температурите

Почнува манифестацијата „Смилевски конгрес“

Утрински Весник