Утрински Весник
Македонија

Филмот „Кајмак“ на Манчевски прогласен за најдобар филм на фестивал во Црна Гора

Kaymak 27.jpg

Две години по светската премиера, филмот „Кајмак” на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и натаму освојува награди. Сега е прогласен за Најдобар филм на Меѓународниот филмски фестивал Фортеца во Црна Гора, кој заврши на 30 јули. 

Овој мал, но реномиран фестивал кој се одржува во живописниот историски град Пераст, е содружник со познатиот БаНеФФ од Стокхолм, Шведска. За „Кајмак” оваа меѓународна награда е осма по ред досега.

„Баш ми мило за ‘Кајмак’, си гази без гајле – локалната филмска мафија се утепа незаконски да нѐ блокира, а ние си редиме меѓународни награди, кај што они не ни припариле”, изјави Манчевски.

„Кајмак” е еден од најуспешните македонски филмови и со најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, како и во Австралија и Карибите – од неодамна во Шпанија, Португалија, а претходно и во Мексико, Аргентина, Бразил и Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска,  Хрватска… Процесот на пласман продолжува и натаму.

„Кајмак”, македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија) во ноември 2022 година, потоа продолжи со глобална фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, САД, Холандија, Бугарија, Србија, Црна Гора, Албанија, итн. Филмот беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. 

„Кајмак” беше најгледан филм во Македонија во 2022 година.

Македонската Агенција за филм сè уште незаконски ги блокира двата проекти на Манчевски, „Кајмак” и „Збогум, Копакабано!” (работен наслов „Биста”). Јавна поддршка за Манчевски како укажувач на корупција кој трпи политички прогон изразија Филмскиот фестивал во Венеција, ФИПРЕСЦИ (Меѓународната Федерација на филмски критичари), Транспаренси интернешнл и Whistleblowing International.

Можете да прочитате

Седумина повредени, меѓу нив и тројца малолетници при судир на ,,мерцедес“ и ,,џип“

Митева: Сто милиони евра во време на Ковид со СДС завршија во фирмите блиски до СДС и ДУИ

Драма во ИЈЗ: Вработен ги исклучил фрижидерите во кои се чуваат реагенси за цела Македонија