
Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на пратеничко прашање на Дијана Тоска од ДУИ во врска со петицијата на студентите на правните факултети за полагање на правосуден испит на албански јазик рече дека Уставот и законите мора да важат за сите.
,, Во моментов, можност за полагање на друг јазик освен на македонскиот јазик, не постои, затоа што правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка, а тоа на вас ви е многу добро познато. Впрочем и Венецијанска комисијата има дадено негативно мислење на Законот за употреба на јазиците а во моментов до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на истиот. Околу употребата на јазикот и она што вие како власт во изминатите 20 години го имате работено должите одговори пред целата јавност. Се надевам дека овие одговори ќе ги дадете Вие а не некој друг во постапка што следи”, истакна Филков.
Министерот Филков од собраниска говорница покажа двојазично уверение кое е потпишано од него и истакна дека тоа го прави за секој оној кој тоа ќе го побара .
,,Требаше некое време да сфатам на што се должи оваа хистерија која што во изминатиот период беше продуцирана од страна на одредени политички партии, но после онаа епизода ,,Артан Груби се враќа дома”- нештата се многу појаси. Дали некој е националист или не говори ова уверение кое што е двојазично и потпишано од мене, овде лево доле. Секој еден што побарал во Министерство за правда тоа било дозволено, така ќе остане и во иднина. Но она што вие треба да го одговорите денес е што правеа вашите осум министри во изминатите 20 години. Или повторно, одговорот ќе чекаме да дојде од друга страна, во постапка и затоа е цела оваа нервоза и хистерија. Времето на национал-романтизам заврши, денес ќе се работи по Устав и закон. И уште една работа што е многу битна:Со кривичнaта пријава ама баш никого не плашите!, порача министерот за правда Игор Филков.


