
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на социјалната мрежа Фејсбук остро ја критикува економската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека свесно ги турка граѓаните во сиромаштија, додека инфлацијата руши рекорди, а платите стагнираат.
„Пред еден од најтешките месеци во годината, граѓаните се соочени со суровата економска реалност, сè е поскапено, а платите стојат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде животниот стандард. Граѓаните живеат полошо“, пишува Филипче.
Тој додава дека синдикалната потрошувачка кошничка за август изнесува над 65.000 денари, што значи дека дури и две минимални плати не се доволни за едно семејство да го преживее месецот.
Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност, предупредува лидерот на СДСМ.
Филипче потенцира дека СДСМ има конкретен план за подобрување на животниот стандард, кој вклучува покачување на платите во сите сектори, зголемување на минималната плата на 500 евра, како и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.
„Битката за поголем приход е битка за достоинствен живот. И таа битка СДСМ ќе ја води – со граѓаните и за граѓаните“, вели Филипче.