
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остро ја критикуваше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја дека со лажна кампања дошла на власт и дека практично ги запрела преговорите со Европската Унија.
– Ветуваа подобри преговарачки позиции, а не кажаа дека преговорите ќе запрат. Сега тие се целосно блокирани, нема ниту реформски закони, ниту уставни измени, иако цела ЕУ понуди јасен пат – истакна Филипче по посетата на ОУ „Киро Глигоров“ во општина Центар.
Одговарајќи на новинарско прашање зошто премиерот Христијан Мицкоски ја одбил Резолуцијата предложена од СДСМ, Филипче рече дека Владата упорно бара изговори и дека е „конзистентна во тоа да нема преговори со ЕУ“.
– Бараа одложено дејство на уставните измени, па потоа пресуди од Стразбур. Секој пат кога ќе видат дека не може, се повлекуваат. Нема дипломатска активност, министерот зборува за роаминг, а иднината на земјата стои – нагласи лидерот на СДСМ, додавајќи дека неговата партија ќе продолжи да се бори за европската перспектива.
Филипче најави дека документот–резолуција ќе биде разгледан во текот на неделата, по што ќе се разговара за следните чекори. Тој не ја исклучи можноста за лидерска средба, бидејќи, како што рече, најважните прашања за државата мора да се решаваат на тој начин.
Во однос на економската состојба, Филипче ја обвини Владата за „катастрофални политики“, наведувајќи дека странските инвестиции годинава значително опаднале и дека растот на индустриското производство е само последица на зголемување на цените.
На крајот, тој им упати честитки за успешна учебна година на учениците, наставниците и нивните семејства.
Изјавите на лидерот на СДСМ доаѓаат во период кога и од Брисел стигнуваат пораки за проширувањето на Унијата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача од Софија дека земјите од Западен Балкан ќе можат да станат членки на ЕУ единствено врз основа на сопствени заслуги, исполнување на критериумите и спроведување на реформите.