Интегрален текст од соопштение за јавност на СДСМ:
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, вечерва присуствуваше на трибината „Од жени за жени, рана превенција спасува живот”, во организација на Форумот на жени на СДСМ Битола, а по повод месецот за борба против рак на дојка. Филипче посочи дека ваквите настани се доказ дека СДСМ е партија која има голема општевена свест и одговорност.
На трибината Филипче порача дека превенцијата е од исклучително значење за да се постигне рана детекција на одредени болести, бидејќи доколку болеста е рано детектирана со помош на методите и инструментите на модерната медицина пациентите ќе бидат целосно излекувани.
„Доколку редовно се прават превентивните прегледи никогаш не може да има таква прогресија на болеста за да стигне до степен да биде неизлекувана. Но ако се изгуби тој циклус на редовна контрола тогаш веќе работите не може да се контролираат лесно и некоја брза форма на болеста може брзо да напредува до степен да не може повеќе да биде излечена во моментот кога ќе се детектира”, рече Филипче.
Говорејќи за мерките за превенција и рана дијагностика на болеста, Филипче потенцираше дека во време на Владата на СДСМ се стави силен акцент врз подобрување на достапноста до современа терапија и дијагностика на онколошките пациенти, со што целокупниот систем на лекување на карцином на дојка се издигна на европско ниво.
„Тргнувавме од фактот дека за да бидат задоволни пациентите треба да бидат задоволни и докторите. Затоа се направи огромна инвестиција во нивните плати кои практично и се дуплираа. Го укинавме паралелниот увоз на лекови што беше еден од системите којшто не дозволуваше кај нас да има модерна терапија. Тоа беше систем кој ВМРО ДПМНЕ го разви за свои бизнис интереси. Тоа беше увоз на лекови од Турција без никакви сертификати. Затоа уште на почеток на мандатот ги сменивме законите во делот на увоз на лековите согласно европските критериуми и од тој момент до сега сите лекови кои се увезуваат се со соодветен европски квалитет и сертификат”, рече Филипче и како дел од преземените мерки во изминатите седум години го посочи и воведувањето на огромен број на нови лекови и терапии за кои многу жени се упатуваа да се лекуваат во странство.
При тоа Филипче потенцираше дека актуелната власт не смее да го запре растот на платите на здравствените работници, и мора да работи на подигање на нивото на здравствената култура.
„Сметам дека треба да продолжат политики кои ги имплементиравме во изминатите седум години, но за жал гледаме нема таква намера во актуелната влада. Министерската за финансии најавува некакво зголемување на платите, но за докторите вели доволно им биле зголемени досега. Јас и се заблагодарив што оддаде признание за нашата инвестиција, но повторно ќе и порачам дека тој раст не смее да запре”, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче.