
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска имаше средба со земјоделци оризопроизводители од реgионот на Општина Чешиново-Облешево, на која што се разговараше за состојбата со производството на ориз. Филипче на средбата посочи дека е трагична сликата на терен – оризопроизводителите се оставени без никаква поддршка, оризот скапува по амбарите, а Владата со својата незаинтересираност го доведува во прашање опстанокот на една од најзначајните земјоделски гранки во државата.
Земјоделците производители на ориз на средбата алармираа дека големи количини на ориз од ланската година стојат по амбарите, бидејќи нема откуп. Филипче посочи дека земјодеците немаат никаква информација ниту за откупните цени, ниту за субвенциите за новата сезона.
„Има заостанати количини од минатата година. Само половина од произведениот ориз е откупен од минатата година, 50% седи по амбарите, никој не е заинтересиран да го откупи, глувци има по амбарите, што ризик да се прошират болести во овој регион. Дополнително на сите овие проблеми, нема никаква насока ниту најава за откупни цени или субвенции за оризот којшто се произведува оваа сезона”, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека дополнителен удар за оризопроизводителите се најавите дека откупната цена ќе биде ниска и недоволна да ги покрие ниту основните трошоци за производство.
„Најавите се дека откупната цена ќе биде многу ниска. Додека во времето на нашите влади откупната цена беше над 40 денари, сега е по 20 денари за килограм. Неколкукратно трошоците за производство ги надминуваат откупните цени. Дополнително, нема откуп и нема доволна количина која се откупува од оризот”, рече Филипче.
На средбата, Филипче нагласи дека поради негрижата на Владата на ВМРО, земјоделците ја губат довербата во институциите, а состојбата во оризопроизводството е директна последица на негрижата и неспособноста на власт.
„Трагична, трагична незаинтересираност на власта. Огромна разочараност има кај земјоделците. Губат верба во државата поради лошата Влада, гледаат дека во производството на ориз практично немаат никаква иднина и луѓето стравуваат дека целиот овој сектор практично може да се соочи со прашањето дали воопшто ќе функционира во следниот период, во капацитетот во кој што тука бил со децении. Од овие плодни полиња коишто ја хранеле Македонија, кои што биле извор на репроматеријали, ориз и сѐ друго што се произведува тука, кое се извезувало од нашата земја, а тие сега се соочени сега со егзистенцијални проблеми”, рече Филипче.


