Утрински Весник
Македонија
Img 7972

Филипче од Прилеп: Патриотизам не е да создадеш лажна гордост, туку да обезбедиш услови луѓето да живеат гордо

Prilep13.jpeg
300x250 opst2

Вечерва од Прилеп каде се одржа граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом”, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, испрати порака до премиерот Христијан Мицкоски дека патриотизам не е да се урниса економија туку да се донесат правилни политики од кои бенефит ќе имаат сите граѓани, а не само поединци кои ги диктираат условите кои нив им одат во прилог.

„Мицкоски и неговата банда, под превезот на лажниот патриотизам, донесоа ослабена економија, партизирана држава, плати кои стагнираат и цени кои дивеат. Мицкоски нема ниту чест, ниту љубов кон земјата и граѓаните. За него постојат само калкулации, спинови, лични амбиции и бизнис зделки. Тие зборуваат за народот, но народот не го слушаат и тоа е најголемиот доказ за лажниот патриотизам. Патриотизам не е да го делиш народот, туку да го обединиш. Патриотизам не е да ветуваш лажна гордост, туку да создаваш услови луѓето да живеат гордо”, рече Филипче.


Филипче на трибината во Прилеп кажа дека СДСМ патриотизмот го покажувал на дело седум години во континуитет и во најтешките времиња кога државата ја погодија ковид, економска и енергетска криза.

„СДСМ патриотизмот го покажа не со зборови, туку со дела со секоја донесена мерка, со секоја тешка одлука, со секој потег што значеше подобар живот за граѓаните. Во време на економска криза, кога другите кратеа, ние зголемувавме плати и пензии. Во време на неизвесност, кога сите се гледаа кон себе, ние мислевме на најслабите. И тоа е нашата најголема разлика ние не ветуваме дека ќе ја сакаме државата повеќе, ние покажавме дека знаеме да се грижиме подобро за неа”, рече тој.

За жал посочи Претседателот на СДСМ, Филипче, денес граѓаните гледаат власт која не знае што е државност туку наместо награда секој ден го понижува трудот на обичниот човек.

„Кога ќе ги слушнете нивните празни говори, запомнете едно: луѓе без визија и резултати секогаш зборуваат најмногу за минатото и за противникот, затоа што резултати немаат, а иднината им е неизвесна. Мицкоски во своите говори нема што да каже. Се однесува како опозиционер после година и пол власт. Немаат проекти, немаат план, немаат идеја. И затоа измислуваат предавници, непријатели, куферчиња и приказни за мали деца. Се надеваат дека само така можат да преживеат во маглата на конфузијата и стравот. Но Македонија не смее да живее во магла”, истакна Филипче.

Тој во Прилеп кажа дека државата заслужува јасен пат, стабилност и достоинство, но и политичари кои ќе решаваат проблеми, кои нема да зборуваат за хибридни напади, дронови и жолти комбиња и на кои нема да им бидат криви вештачки скакулци за пожарите.

„На државата и требаат политичари кои гради во гради ќе се соочат со проблемите, кои ќе наведнат глава пред граѓаните и ќе знаат кој ги избрал и на кого му служат”, потенцираше тој.

Можете да прочитате

Теохаров: Доколку не беше задолжително осигурувањето на автомобилите, ќе бевме сведоци на хаотична ситуација

Филипче од Прилеп: ВМРО-ДПМНЕ убедливо најмногу штета направи на земјоделството и земјоделците

Филипче до Димитриевски: Со подизведувачи на ДПМНЕ и предавници на социјадемократската идеја не дебатирам