Утрински Весник
Економија

Филипче: Буџетот е празен, ребалансот е тотален дебакл на Мицкоски

Venko filipche 1.jpeg

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Тема на денот” на Сител Телевизија речe дека ребалансот на Буџетот е јасен доказ за целосниот економски дебакл на Владата на Христијан Мицкоски.

„Гледајте каков дебакл е на секое друго поле. Буџетот е празен, ребалансот е страшен дебакл”, рече Филипче.


Тој предупреди дека државата се движи кон сериозна финансиска криза, без план, без стратегија и без пари за основните потреби на граѓаните.

„Огромен раст на дефицитот, нема предвидени пари ни за соодветен раст на пензиите, пензионерите се изневерени, ни за раст на платите. Нема доволно пари за субвенции во земјоделството. Нема доволно пари за зголемување на социјалните трансфери. Сè е статус кво”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ нагласи дека ова е сериозен проблем за државата.

„Тоа не е обична дебата, тоа е сериозен проблем на државата. Ние одиме кон амбис, притоа немаме стратегија, Владата нема стратегија како таа финансиска дупка ќе ја закрпи”, порача Филипче.

Според Филипче, додека регионот оди напред и користи милијарди евра европски средства, Македонија стагнира и губи пари, реформи и време.

„Вистинскиот развој доаѓа од неповратните средства на Европската Унија. И така се смениле и се развиле сите земји. Грција, Бугарија, Хрватска, милијарди евра искористија од Европа”, рече Филипче.

Тој посочи дека Владата се фали со 50 милиони евра, додека Црна Гора обезбедува 3,2 милијарди евра грантови.

„3,2 милијарди евра неповратни средства, за разлика од нашите 50 милиони евра со кои оваа власт се фали. Па дали тоа е за фалење?”, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Можете да прочитате

Божиновска со претставници на германската KfW: Зајакнување на партнерството во областа на енергетската ефикасност

Угостителските услуги во јуни поскапи за 2.6% од истиот месец лани

Костадиновска-Стојчевска: Со ребалансот власта крати од инвестициите во културата