Утрински Весник
Спорт

Фетел не ја исклучува можноста да се врати во Формула 1

Фетел не ја исклучува можноста да се врати во Формула 1

Четирикратниот светски шампион во Формула 1, 35.годишниот германски возач Себастијан Фетел не ја исклучува можноста да се врати во најбрзиот циркус, откако претходно најави дека ова ќе му биде последна сезона во богатата кариера.

dobivaj vesti na viber

По 15 години во Формула 1, пилотот на Астон Мартин ќе ја заврши кариерата следниот викенд во Абу Даби. Главната причина за неговото повлекување е желбата да поминува повеќе време со семејството и да има доволно време за да може да им се посвети на некои други проекти.

Меѓутоа, во интервју за германската телевизија „РТЛ“, пред трката за Големата награда на Бразил во Сао Паоло, Фетел не кажа експлицитно дека никогаш повеќе нема да вози во Формула 1.

„Верувам дека пензионирањето се случува кога ќе одлучиш. Сепак, не можете да исклучите други можности“, изјави германскиот возач.

Веќе имаше примери на возачи кои не можеа да одолеат на желбата повторно да се натпреваруваат. Еден од нив беше прославениот сонародник на Фетел и седумкратен светски шампион Михаел Шумахер, кој ја напушти Формула 1 во 2006 година, но се врати во 2010 година и потоа се натпреваруваше уште три сезони.

„Секој од нас е различен. Имаме различни животи и одиме по својот пат. Можеби има некои паралели, но мислам дека не можам да одговорам така. Мојот одговор денес е „не“, но можеби за година или две ќе размислувам сосема поинаку. Времето ќе покаже“, рече Фетел на прашањето дали би го направил истото како Шумахер.

Фетел ги освои сите четири светски шампионски титули (2010-2013) возејќи за Ред Бул, а последната од своите 53 победи ја забележа на Големата награда на Сингапур во 2019 година во болидот на Ферари.

Можете да прочитате

Македонија вечерва против Турција на ЕП

Оклахома поуспешна од Лејкерс за четврта победа во низа

Усик ќе заработи 114 милиони долари за реванш со Фјури