Утрински Весник
Македонија

ФЕС: Промовирана нова публикација за европските стандарди и македонската судска практика во Стразбур

Et5a4653.jpg

Вчера, во Скопје, по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 Декември, се одржа промоцијата на публикацијата „Критериумите за допуштеност според Европската конвенција за човекови права и македонските предмети пред Судот во Стразбур”, авторско дело на проф. д-р Јелена Ристиќ. Промоцијата беше одржана токму на овој значаен датум, симболично нагласувајќи дека заложбата за човекови права претставува постојана и споделена одговорност.

Публикацијата, издадена од Фондацијата „Фридрих Еберт” – Канцеларија во Скопје, претставува актуелно и сеопфатно дело кое го обработува функционирањето на системот за заштита на човековите права во рамките на Европската конвенција, со особен фокус на критериумите за допуштеност на жалбите пред Европскиот суд за човекови права и на македонската судска практика во Стразбур.

Проектната координаторка во ФЕС, Нита Старова истакна дека изданието претставува важен придонес кон стручната дебата за човековите права во земјата.

„Фондацијата со години ја гради својата издавачка програма како поддршка на универзитетската настава и како средство за обезбедување квалитетни, достапни и стручно засновани материјали. Оваа публикација е наменета не само за адвокатите, туку и за судиите, обвинителите, професорите и, најважно, за студентите, идните заштитници на слободите и правата на граѓаните,” рече Старова, нагласувајќи дека делото е вредно и за невладините организации, политичките субјекти и пошироката јавност која сака да стекне знаење за механизмите на заштита пред Судот во Стразбур.

Таа потсети и дека Фондацијата веќе подолг период ги објавува своите изданија во дигитална форма со цел да бидат лесно достапни за секого, следејќи ги европските стандарди за еколошка и економска ефикасност.

Стручен осврт на публикацијата даде проф.др. Јадранка Дабовиќ Анастасовска, професорка на Правниот факултет и судијка во Уставниот суд ” Книгата „Критериумите за допуштеност според Европската конвенција за човекови права и македонските предмети пред Судот во Стразбур”, од проф. д-р Јелена Ристиќ, се појавува како академски одговор на една тивка, но длабоко присутна потреба. Како што самиот вовед нагласува, огромен дел од жалбите — повеќе од 95% — кои граѓаните и адвокатите од нашата држава ги поднесуваат до Европскиот суд за човекови права, завршуваат со отфрлање поради недопуштеност .Оваа книга, всушност, ја разоткрива суштинската логика на Стразбур: дека Конвенцијата е минимален стандард, дека државите имаат примарна одговорност, дека ролјата на Судот е супсидијарна и дека, без прецизно почитување на процесните правила, нема можност за материјална правда. Токму затоа делото е актуелно, неопходно и навремено. По Протоколот 15, адвокатите, судиите, обвинителите, студентите – сите ние – мораме да го подигнеме нивото на познавање на допуштеноста. Во спротивно, ќе продолжиме да гледаме како жалбите  се отфрлаат уште пред да започне вистинската битка за правото.”

Авторката на Публикацијата проф. д-р Јелена Ристиќ истакна дека Европската конвенција за човекови права претставува прв меѓународен инструмент преку кој државите се согласиле да бидат правно обврзани да гарантираат цел спектар на човекови права и слободи на секој под нивна надлежност. Таа потсети дека Конвенцијата воспоставува минимален стандард кој државите мора да го почитуваат, но и дека имаат слобода да обезбедат и повисоко ниво на заштита.

„Системот за заштита на човековите права се темели на принципот на супсидијарност, државите се тие што најпрво мора да ги гарантираат и штитат правата, а Судот во Стразбур интервенира само кога државите ќе пропуштат да ги исполнат своите обврски,” нагласи Ристиќ.

Таа посочи дека, иако секој граѓанин има право да поднесе жалба до Судот во Стразбур, голем дел од жалбите, вклучително и од Северна Македонија не стигнуваат до оценка на основаноста бидејќи не ги исполнуваат критериумите за допуштеност.

„Само околу пет проценти од жалбите против нашата држава се прогласуваат за допуштени. Тоа носи сериозни последици: жалителите чекаат со години, Судот е преоптоварен, а во државата изостанува вредниот корективен ефект што судските пресуди го имаат врз унапредувањето на човековите права,” истакна Ристиќ.

Затоа, според авторката, оваа публикација има за цел да им помогне на адвокатите, судиите, обвинителите, студентите и сите професионалци да го разберат системот подобро и да го применуваат правилно, особено имајќи предвид дека во последните години беше изменет и самиот контролен механизам преку Протоколот 15.

„Недостигот од ажурирана литература на македонски јазик и потребата од продлабочено познавање на критериумите за допуштеност ја направија оваа публикација неопходна. Верувам дека таа ќе придонесе за подигнување на професионалните стандарди и за посилна заштита на правата на граѓаните,” додаде Ристиќ, изразувајќи благодарност до Фондацијата „Фридрих Еберт” за препознавањето и поддршката на ова значајно издание.

Можете да прочитате

Опожаренo возило на Бит пазар во Скопје

Повозрасна жена удрена од автомобил во центарот на Скопје

Се затвара „Зимзоленд“: Две недели работел диво без ниту еден документ