Утрински Весник
Балкан

Фајон најави дека Словенија ќе ја признае Палестина како независна држава

Fajon.jpg

Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон, денеска потврди дека оваа земја ќе го започне процесот за признавање на Палестина како независна држава.

Говорејќи пред владата, Фајон изјави дека тоа е „неповратен чекор“ и дека наскоро до парламентот на оваа земја ќе биде испратена иницијатива за признавање на независноста на Палестина.

Како што дополнително појасни таа, откако Владата ќе го испрати барањето до Собранието на Словенија, почнува рок од еден месец да се расправа за ова прашање. Се очекува одлуката да биде позната до 13 јуни.

Покрај Словенија, до крајот на овој месец независноста на Палестина треба да ја признаат и неколку други земји-членки на ЕУ. Меѓу нив се Шпанија и Ирска.

Од сегашните земји-членки на ЕУ, Палестина е призната од Малта, Кипар, Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија, Романија, Полска и Шведска.

Во ОН, од 193 земји-членки, 143 ја признаваат Палестина како независна држава, но полноправното членство во неколку наврати беше блокирано во Советот за безбедност. Секое гласање беше ставено на вето од САД.

Можете да прочитате

Ученик се обидел со запалка да ја запали косата на првоодделенец во училиште во Нови Сад

Бугарскиот Парламент повторно заседава во обид да избере претседател

Уапсени сторителите на вооружениот грабеж на 1,2 милиони евра од комбе со пари во близина на Атина