Утрински Весник
Свет

Европските училишта ја ограничуваат употребата на мобилни телефони поради здравствени причини

Mobilni Telefoni.webp.webp

Како што дигиталната технологија станува сѐ по присутна во животите на младите, европските земји сѐ повеќе се загрижени од прекумерната употреба на мобилни телефони, социјални медиуми и други форми на дигитална комуникација, додека некои гледаат да ја забранат или ограничат употребата на мобилните телефони во училиштата.

Неодамнешни истражувања укажаа на алармантната врска помеѓу прекумерното време поминато пред екранот и негативните последици по менталното здравје и способноста за учење кај децата и младите. На пример, едно истражување на Организација за економска соработка и развој (ОЕЦД) препорачува ограничена и одговорна употреба на мобилните телефони во училиштата.

Во јули, откако го доби вториот мандат како претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен вети дека ќе се справи со зависноста од социјалните мрежи и онлајн-насилството, повикувајќи се на распространетата загриженост од негативното влијание врз менталното здравје и благосостојбата.

– Сè повеќе гледаме извештаи за она што некои го нарекуваат криза на менталното здравје, рече фон дер Лајен. – Ќе го спроведеме првото европско истражување за влијанието на социјалните медиуми врз благосостојбата на младите. Им го должиме тоа, додаде таа.

Во врска со онлајн-насилството, фон дер Лајен изјави: „Ме боли срцето кога читам како младите луѓе се повредуваат себеси или си ги одземаат животите поради онлајн насилство“. Tаа вети дека ќе се „справи со чумата на онлајн насилство“ и дека „ќе преземе мерки против зависниот дизајн на некои платформи“.

Чување на електронски уреди надвор од видик

Иако Европската Унија станува сè повеќе свесна за негативните влијанија на социјалните медиуми и користењето на телефонските уреди од страна на младите, не постојат правила на ниво на ЕУ за решавање на овие проблеми во сите 27 земји-членки на блокот. Напротив, правилата се разликуваат од земја на земја.

Некои европски земји размислуваат или веќе имаат воведено забрани за користење на мобилните телефони во училиштата или рестрикции за нивно користење за време на траењето на часовите. Тие вклучуваат: Белгија, Франција, Холандија, Италија, Шпанија и Грција.

Другите земји, како што се Словенија, Хрватска и кандидатот за членство во ЕУ, Босна и Херцеговина разгледуваат опции за справување со загриженоста, но сè уште немаат воведено забрани на национално ниво. Наместо тоа, училиштата ги преземаат работите во свои раце.

Холандија: Училиштата во Холандија целосно ги забранија мобилните телефони уште во првата недела од септември. Телефоните во средните училишта беа забранети уште на почетокот на годината, мерка стапи во сила и за основните училишта на почетокот на новата учебна година.

Телефоните може да се користат во училниците само ако се неопходни за содржината на наставата, на пример, кога се изучуваат социјални вештини или ако им се потребни на учениците поради медицински причини или за лицата со посебни потреби.

Франција: Во 180 средни училишта, кои ги посетуваат француските деца на возраст од 11 до 15 години, се тестира шема за забрана на употребата на мобилните телефони за времетраење на целиот училиштен ден. Процесот на т.н. „дигитална пауза“, која опфаќа повеќе од 50.000 ученици, се спроведува пред евентуалниот план за спроведување на ниво на целата земја од 2025 година.

Моментно, средношколците во Франција мора да ги исклучат телефоните. Експериментот оди понатаму, барајќи од децата да ги предадат своите телефони кога ќе пристигнат на училиште. Ова е идеја на претседателот Емануел Макрон со цел децата да поминуваат помалку време пред екраните, практика која, како што стравува Владата, го попречува нивниот развој.

Извештајот за користењето на мобилните уреди од страна на младите пред Макрон во април го презентираше експертска комисија која предлага да не се користат телефони до 11-годишна возраст, на децата на возраст од 11 до 13 години да им се даде телефон без интернет, а на оние до 15 година мобилен со ограничен пристап до интернет . Таквиот уред, наречен „Телефонот“ моментно се развива во Франција од страна на една мајка, нејзиниот син и партнер.

Белгија: Во Белгија, мобилните телефони ќе бидат забранети во училниците на стотици училишта во кој наставата се изведува на француски јазик во Брисел и Валонија почнувајќи уште од оваа учебна година. Овој план беше најавен од новата Влада на франкофонската заедница во текот на летото.

Од друга страна холандофонскиот регион Фландрија не постои општа забрана за користење на мобилните телефони во училиштата, но некои од нив одлучија самите да воведат забрани.

Грција: Во Грција, за време на часовите учениците треба да ги чуваат своите мобилни телефони во ранците. Министерот за образование Кирјакос Пјеракакис појасни дека поседувањето или користењето на телефоните е забрането дури и на одморите и секое непочитување на правилото ќе резултира со суспензија од еден ден.

Претходната недела, премиерот Кирјакос Мицотакис не се спротивстави на можноста учениците да мора да почнат да ги заклучуваат телефоните и да можат да ги користат по завршување на наставата.

Италија: Десничарската Влада на премиерката Џорџа Мелони во јули усвои одлука за забрана на користењето на мобилните телефони во училниците со почетокот на новата школска година. Оваа мерка беше воведена од министерот за образование Џузепе Валдитара од десничарската националистичка партија Лига, која има за цел да ја забрани употребата на мобилните телефони во училиштата, дури и за наставни цели. Таблетите и компјутерите сè уште можат да се користат во согласност со наставниците.

Шпанија: Во неколку региони во Шпанија веќе стапија во сила забраните и рестрикциите за користење на мобилните телефони во училиштата, како што се општините во Мадрид, Галиција, Кастиља – Ла Манча, Андалузија и Екстремадура.

Во јануари, Државниот училиштен совет на Шпанија – највисокото советодавно тело на Владата во областа на образование – едногласно одобри забрана за употребата на мобилните телефони во основните училишта и ограничувања на нивното користење во средните.

Како резултат на тоа, и други региони почнаа да ги спроведуваат мерките. Во Арагон, Валенсија, Балеарските Острови, Навара и Андалузија наставниците имаат право да ги конфискуваат или исклучат мобилните телефони до крајот на школскиот ден.

Шведска: Шведската агенција за јавно здравје (ФХМ) неодамна објави препораки за тоа колку време децата треба да поминуваат со мобилни уреди. Така, децата помали од две години треба да се држат подалеку од дигиталните уреди и телевизорите, а пристапот, исто така, треба да им биде ограничен и на повозрасните лица.

Новите препораки се базирани на истражување и колку време децата треба да поминуваат со различни работи за да се чувствуваат добро. Според податоците, тинејџерите на возраст помеѓу 13 и 16 години во Шведска генерално поминуваат 6,5 часа онлајн. Министерот за социјална работа и јавно здравје, Јакоб Фосмед, се надева дека технолошките компании ќе дејствуваат со цел да се намали ризикот од децата кои „заглавуваат“ онлајн.

Словенија: Во Словенија, основните и средните училишта сами одлучуваат како ќе ја ограничат употребата на мобилните уреди. Внатрешните правила варираат од училиште до училиште, а неколку веќе целосно ги имаат забрането телефоните. Според експертите, првиот чекор кон намалување на користењето на мобилните уреди би било да се утврдат национални насоки.

Според овогодишното истражување на Safe.si, национална организација за подигање на свеста за безбедно користење на интернет, во земјата во пораст е онлајн насилството меѓу младите. Дури 65 проценти од девојчињата и 55 проценти од момчињата во Словенија на возраст на основно образование доживеале некаков вид на насилство преку интернет. Кај средношколците, 63 проценти од ученичките и 54 проценти од учениците доживеале некаков вид на насилство преку интернет.

Хрватска: Во Хрватска, не постојат единствени правила и Министерството за образование сè уште не донело одлука во врска со ова прашање. Сепак, некои училишта веќе решија да им забранат на учениците да ги користат мобилните телефони во текот на целиот школски ден, вклучувајќи ги и одморите помеѓу часовите.

Одлуката е спроведена во неколку хрватски градови: Загреб, Сплит, Риека, Осиек, Задар. Едно училиште во Сплит, пак, им забрана на учениците да носат мобилни телефони во училиштето, тврдејќи дека забраната за користење не е доволна.

Босна и Херцеговина: За да се поттикне поголема социјализација меѓу учениците и да се спречи малолетничкиот криминал, неколку училишта во Босна и Херцеговина забранија внесување мобилни телефони во училниците. Сепак, и покрај парламентарната иницијатива за проширување на оваа пракса, таа сè уште не е имплементирана во повеќето образовни институции низ целата земја.

Според една студија на УНИЦЕФ и Агенцијата за регулатива на комуникациите во Босна и Херцеговина, секое второ дете во Босна и Херцеговина под 11 години има профил на некоја платформа за социјални медиуми. Повеќе од 50 проценти од децата доживеале нешто непријатно на интернет, а над 85 проценти од нив не разговарале со никого за тоа.

Извор: ЕНР Брисел

Можете да прочитате

Aвион на DHL се урна врз двокатна куќа во Литванија

Независниот кандидат Калин Георгеску е најверојатно новиот претседател на Романија

Се урна товарен авион врз станбен кварт во близина на аеродромот во Вилнус