
Рамајана беше убиена на 3 мај од нејзиниот партнер, и покрај тоа што повеќепати го пријавувала семејното насилство кај надлежните институции.
Според ERRC, случајот претставува уште еден во низата алармантни примери на институционална негрижа и игнорирање на очигледните знаци на ескалација на насилството. Организацијата укажува на системска дискриминација кон Ромките и повикува на итна одговорност од надлежните органи.
Во 2022 година, ERRC ја ангажираше Иницијативата за права на жените од Шуто Оризари за истражување на родово базираното и семејното насилство врз Ромките од моментот на ратификацијата на Истанбулската конвенција од страна на Северна Македонија во 2017 година. Истражувањето покажа дека Ромките и понатаму се изложени на повеќекратна дискриминација и сериозни пречки во пристапот до заштита и поддршка.
ERRC апелира дека случајот со Рамајана ја открива итната потреба од целосна примена на Истанбулската конвенција, како и поставување на механизми за навремено и сериозно постапување по сите пријави за насилство.
„Институциите што треба да не заштитат — некаде целосно отсуствуваат, некаде не постапуваат. Тоа има смртоносни последици“, се наведува во соопштението на ERRC.
ERRC бара итна институционална одговорност, подобрување на пристапот до услуги за поддршка, и правда за Рамајана Асан и нејзините блиски. Организацијата изрази солидарност со сите Ромки и девојчиња кои се борат за безбедност, достоинство и живот без стравови.