Утрински Весник
Спорт

ЕУРО 2024: Профитабилен бизнис со фудбалски дресови?

20240614145632 Big 730x400 38.webp.webp

Фудбалот е огромна машина за правење пари. И тој бизнис почнува уште со дресовите. Некои компании вложуваат многу пари за да се рекламираат преку фудбалот. Нивната цел е да го направат својот бренд попознат, да го подобрат имиџот и да привлечат нови клиенти.

Големите производители на спортска опрема како Адидас или Најк плаќаат стотици милиони евра за правото да ги опремат играчите со дресови. За возврат, нивното лого може да се види на дресовите, а се надеваат дека со помош на фудбалот ќе можат да продаваат и други спортски артикли од нивната палета.

Адидас и Најк

Рекламите на дресовите се исплатлив извор на приход за самите клубови. „Дресовите се познат како главен, најважен артикл што го купуваат навивачите, и затоа играат толку важна улога во трговијата со производи што ги носат грбовите на клубовите и националните тимови“, вели Питер Ролман, консултант за спортски маркетинг. Тој за ДВ додава дека ниту една друга репрезентација во светот нема толку добри (високо субвенционирани) спонзорски договори за дресови како германската репрезентација.

Адидас го снабдува Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) повеќе од 70 години, но со оглед на тоа дека Најк е подготвен уште подлабоко да ја стави раката во својот џеб, американската компанија ќе ја преземе улогата на Адидас во опремувањето на германската репрезентација од 2027 година. Не е јасно колку Најк ќе плати за тоа. Сите страни вклучени во договорот ветија дека ќе молчат – барем така пишува на веб-страницата на ДФБ. Директорот на Германскиот фудбалски сојуз Андраш Ретиг вели само дека понудата не можела да се одбие.

Медиумските извештаи, на пример, написите во деловниот дневен весник „Ханделсблат“, наведуваат дека Адидас во последно време и плаќа на ДФБ околу 50 милиони евра годишно. Најк, како што се тврди, е подготвен да плати двојно повеќе во иднина.

Колку заработуваат клубовите?

А уште повеќе пари им се исплаќаат на клубовите, вели Ролман. Адидас наводно го продолжил договорот со Манчестер Јунајтед на уште десет години и на Англичаните им плаќа околу 120 милиони евра по сезона. Адидас наводно му плаќа на Реал Мадрид по 150 милиони евра годишно. Причина за повисоките суми во однос на репрезентацијата е фактот што клубовите играат најмалку четири пати повеќе натпревари од репрезентациите. Едноставно: нивните дресови може почесто да се видат на теренот.

Ролман е уверен: „Ниту еден производител на спортска опрема не прави толкава сума во продажбата, во голема мера се работи за „полирање на имиџот“, вели тој. Воедно потсетува дека особено со репрезентациите секогаш постои опасност тимот да испадне од турнирот во рана фаза.

„Повеќе од кога било, прашање е дали спонзорството воопшто им се исплати на компаниите“, посочува професорот Маркус Фет од Универзитетот во Хоенхајм: „Клиентите речиси никогаш не донесуваат одлука за купување врз основа на ова“. Само околу 12 отсто од анкетираните, кога одлучуваат да купат производ или услуга, се обраќаат кон оние брендови кои го спонзорираат Европското првенство“.

Партнерствата со големите фудбалски асоцијации не ги исполнија очекувањата на производителите пред 15 години, изјави шефот на Адидас за изданието на Франкфуртер Алгемајне Цајтунг од 9 јуни 2024 година. „Производителите на сите одреди со тие договори трупаат загуби и тоа е така, ако сето тоа го гледаме од комерцијален аспект. Во тоа време се мислеше дека бројот на продадени дресови ќе експлодира. Но, тоа не се случи“, заклучи Гулден.

„И тоа е и логично. Земете ја на пример Германија. Да замислиме Германците да ја освојат титулата на ЕП. Ќе купува ли цел свет дресови на Германија? Нема. Тоа првенствено го прават Германците“.

Успехот на порталот Check24

Порталот за споредба на цените на производите и услугите „Check“ не е меѓу главните спонзори на Европското фудбалско првенство. Но, „Check“ успеа да „освои“ парче од фудбалскиот колач – без да му плати ни цент на Германскиот фудбалски сојуз. Идејата беше едноставна: „Check24“ почна да им подарува дресови на луѓето бесплатно. Немаше официјален грб на ДФБ на тие дресови, но на луѓето не им беше грижа. На дресот е германскиот орел, логото на производителот (Puma) и – со големи букви на предниот дел од дресот, во висина на градите, логото „Check24“.

Дресот заинтересираните го „платиле“ со доброволна согласност да ги дадат своите податоци: адреса, телефонски број и е-пошта. Откако ги внеле своите податоци, тие добиле бесплатен дрес во посакуваната големина. И откако на овој начин беа „нарачани“ пет милиони дресови, „Check24“ ја прекина акцијата.

Основачот на платформата, Хенрих Блазе, за магазинот „Finance Forward“ изјави дека ова е најголемата маркетинг кампања во историјата на компанијата.

И колку чинеше таа акција? Професорот Саша Рајтел од Слободниот универзитет во Берлин вели дека тоа може да се процени. Тој тргнува од тоа дека производството и испораката по парче чинат најмалку десет евра. Според тоа, пет милиони дресови се минимум 50 милиони евра, а тоа е само за производство на дресови и логистика“.

Дополнително, „Check24“ паралелно, меѓу другото, и преку разни ТВ канали водеше рекламна кампања. Се заедно ова можеби чинеше 100 милиони евра, заклучува професорот по маркетинг.

Медиумски интерес

Check24 за возврат стана тема на разговор. Компанијата беше видлива и во медиумите, и кај многу Германци, односно на улица. Апликацијата „Check24“ беше најпопуларна со недели, мерена според бројот на инсталации на паметните телефони. „Check24“ на тој начин дошол до многу лични податоци на германски државјани, а компанијата може директно да ги користи тие податоци кога им се обраќа на потенцијалните клиенти. Тие податоци може да се продаваат и на други компании, потсетува Ролман.

„Check24“ на своите клиенти им нуди споредба на цените на осигурување, финансиски услуги, енергија, телекомуникации, патувања, шопинг и други услуги. Понудата е бесплатна за корисниците, а компанијата се финансира од провизии за „зделки“ склучени преку платформата.

Голема опасност за „Check24“ може да настане доколку нема нови акции, смета професорот по маркетинг Рајтел. „Ако нема некоја значајна нова акција за задржување на постојните клиенти, тогаш постои голема опасност добар дел од тие пари да бидат навистина фрлени низ прозорец“. Луѓето брзо го забораваат сето тоа и тогаш нема да се градат односи со клиентите“.

Адидас добро се продава

Судејќи според резултатите од истражувањето на Универзитетот во Хоенхајм, секоја петта Германка и секој петти Германец имале намера да купат дрес на германската репрезентација. Не е познато дали Адидас продал помалку од своите дресови поради акцијата „Check24“ или не.

Досега најдобро поминуваа белите дресови. Сега изгледа поинаку: „Розовиот дрес е дрес за гостувања кој најдобро се продава во историјата на сите дресови на ДФБ“, потврди за ЗДФ портпаролот на Адидас, Оливер Бриген. Дресовите извесно време беа распродадени, што упатува на заклучок дека побарувачката за нив била поголема од очекувањата на Адидас.

Дојче Веле

Можете да прочитате

Тежок инцидент во РК Загреб, Кос го нокаутирал соиграчот Мандиќ

ФИФА го избира најдобриот: Родри, Вини или можеби Меси?

Омерагиќ официјално кандидат за претседател на ФФМ