Утрински Весник
Свет

ЕУ ги замрзна руските средства од 210 милијарди евра

Evra.webp.webp

Европската унија одлучи на неопределено време да ги замрзне средствата на руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра, со цел каматата од тие средства да се користи за финансиска поддршка на Украина, јавува Ројтерс. Главниот капитал останува блокиран. Според агенцијата, Украина ќе биде обврзана да го врати заемот само доколку Русија ги исплати воените репарации.

Од вкупно 27 земји членки на ЕУ, против одлуката гласаа само Унгарија и Словачка. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа X порача дека одлуката е „силна порака до Русија“. Таа истакна дека додека трае бруталната војна во Украина, трошоците за Москва ќе продолжат да растат и дека ЕУ ќе направи сè за да го зајакне својот сосед „и на бојното поле и на преговарачката маса“. Москва остро реагираше, оценувајќи го потегот како „кражба“ и „објава на војна“.

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го нарече планот потенцијален „чин на војна“, додека рускиот амбасадор во Германија, Сергеј Нечаев, го оцени како „кражба“. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, најави „најстрога реакција“. Во меѓувреме, руската централна банка поднесе тужба против белгиската финансиска институција „Евроклир“, која управува со околу 185 милијарди евра од замрзнатите средства. Останатите 25 милијарди евра се наоѓаат во банки во Белгија и Франција.

Москва тврди дека средствата се блокирани нелегално. Руската централна банка, во посебна изјава, планот на ЕУ за користење на средствата за помош на Украина го оцени како „нелегален и спротивен на меѓународното право“. ЕУ овој механизам го дефинира како „заем за репарација“, за кој се очекува дополнително да се разговара на претстојниот самит.

Можете да прочитате

16 загинати во вооружен напад на плажата Бонди во Сиднеј

Раст на антиукраински содржини на полските социјални мрежи

Хамас: Убиството на високиот командант на Хамас ја доведува во прашање одржливоста на примирјето со Израел