Европската унија е подготвена да финансира капитални инфраструктурни проекти во Босна и Херцеговина, но тие инвестиции се’ уште се загрозени од неодговорното однесување на босанските политичари, посочија од седиштето на Делегацијата на ЕУ во Сараево.
Откако вчера беше пуштена во сообраќај новата делница од автопатот кај Добој, од Делегацијата на ЕУ потсетија дека тоа е важен проект кој не би можел да се реализира без финансирање од европските фондови.
Европската комисија за ова одвои 15 милиони евра грантови, што беше основа Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) да одобри дополнителни 70 милиони евра преку поволна кредитна линија.
„Властите во Босна и Херцеговина не го користат целосниот потенцијал на механизмите за финансирање на ЕУ“
Делницата долга нешто повеќе од шест километри е поврзана со претходно изградениот автопат Добој – Босанска Градишка со крак кон Бања Лука.
Овој правец е и најкратката и најдобрата патна врска помеѓу централна Босна и Хрватска, која ќе биде целосно искористена кога новиот мост на Сава кај Градишка ќе биде пуштен во употреба. Тој мост е всушност завршен, но патот од хрватската страна кој би го поврзал со автопатот Загреб-Липовац се уште не е изграден, а планот е да се заврши на почетокот на 2024 година.
Сепак, клучниот автопат на паневропскиот коридор Vc меѓу Будимпешта и Плоче, кој минува низ Босна и Херцеговина во должина од околу 330 километри и се гради повеќе од две децении, сè уште не е завршен, а на територијата на Република Српска, работите само што започнаа, поточно со изградбата на шест километри обиколница и јамка кај Добој.
Останатите педесет километри требаше да бидат изградени со финансиска поддршка од ЕУ, но сега сè е замрзнато бидејќи Брисел на почетокот на годинава одлучи да ја санкционира сецесионистичката политика што ја води Милорад Додик, член на Претседателството на БиХ, пишува „Индекс“.
„Властите во Босна и Херцеговина не го користат целосниот потенцијал на механизмите за финансирање на ЕУ, а дополнително ризикуваат да загубат стотици милиони евра инвестиции во транспортната и енергетската инфраструктура. Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина ги повикува политичарите да не пропуштаат можностите што ги нуди Европската Унија“, се вели во соопштението.
Додик во вторникот посочи дека нема да се откаже од своите политички планови, а РС ќе го гради автопатот без оглед на позицијата на ЕУ, односно дека тој ентитет ќе најде други извори на финансирање.