Утрински Весник
Свет

Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Реџеп Таип Ердоган денеска во парламентот на Турција положи заклетва за трет претседателски мандат, по победата во вториот круг на изборите, ветувајќи дека функцијата ќе ја извршува непристрасно, пренесуваат светските агенции.

dobivaj vesti na viber

По инаугурацијата во парламентот ќе се одржи свечена церемонија во претседателската палата во главниот град на земјата, Анкара, на која која ќе присуствуваат повеќе светски лидери.

Турскиот лидер победи во вториот круг на претседателските избори што се одржа на 28 мај, откако во првиот круг две недели претходно не успеа да освои 50 отсто од гласовите на турскиот електорат.

На изборите тој се соочи со кандидатот на моќната опозициска коалиција Кемал Киличдароглу. Ердоган успеа да победи на изборите и покрај незадоволството меѓу турските граѓани поради економската криза и гневот кон властите за нивната реакција по земјотресот кој во февруари ја погоди земјата и во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.

Ердоган во вториот круг освои 52,18 отсто од гласовите, додека неговиот ривал Киличдароглу – 47,82 отсто, покажаа официјалните резултати.

„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација… ќе работам со сите сили за заштита на постоењето и независноста на државата… и ќе ја исполнам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во парламентот, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.

По заклетвата тој доби овации од неговите поддржувачи во парламентот, додека некои пратеници од опозицијата одбија да станат.

Во својата заклетва, Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана пред 100 години од Мустафа Кемал Ататурк.

Меѓу странските лидери кои се очекува да присуствуваат на свечената церемонија по инаугурацијата се претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, потпретседателот на Иран Мохамад Мохбар; премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на Долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин.

На церемонијата, како што соопштија од неговиот кабинет ќе присуствува и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, што преставува нов знак за затоплување на односите меѓу двете земји.

Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде првиот приоритет на Ердоган, кој треба да се справи со инфлација од 43,7 отсто, делумно поттикната од неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се стимулира растот.

Можете да прочитате

Германската министерка за надворешни работи и Нетанјаху се скараа поради фотографии од пазарите во Газа

Блинкен: Америка е посветена на безбедноста на Израел, но не беше вклучена во нападот врз Иран

Најмалку 29 повредени кога траект од Капри удри во пристаништето во Неапол