
Најголемата канадска авиокомпанија „Ер Канада“ денеска објави дека од денеска постепено продолжува со летови, по владата интервенција за завршување на штрајкот на 10.000 членови на кабинскиот персонал, што започна во саботата и ги парализираше нејзините операции.
Канадскиот одбор за индустриски односи (CCRI) „ѝ наложи на „Ер Канада“ да ги продолжи операциите и сите членови на кабинскиот персонал во „Ер Канада“ и „Ер Канада Руж“ (подружница на нискобуџетните авиокомпании на „Ер Канада“) да се вратат на работа до 14 часот (20 часот по источноевропско време) на 17 август 2025 година“, се наведува во соопштението на „Ер Канада“.
Авиокомпанијата планира постепено да ги продолжува летовите почнувајќи од вечерва. Ќе бидат потребни неколку дена за работењето да се врати во нормала, а некои летови веројатно ќе бидат откажани во следните седум до десет дена, предупредуваат оттаму.
Вчера рано утрината екипажите на „Ер Канада“ одбија да работат поради ниските плати, а штрајкот резултираше со откажување на стотици летови.
Канадскиот синдикат на јавни службеници (SCFP), кој ги претставува, предупреди дека неговите членови ќе продолжат со штрајкот сè додека владата не ги принуди да се вратат на работа.
Покрај зголемувањето на платите, барањата на синдикатот се однесуваат на неплатената работа на терен, за која велат дека е особено важна за време на качувањето во авионите.
„Ер Канада“ превезува 130.000 патници дневно и поврзува 180 градови низ целиот свет со директни летови.