
Европскиот парламент ќе одржи гласање во четврток за предлогот за изгласување недоверба на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Предлогот е покренат од романскиот пратеник од крајната десница, Ѓорге Пипереа, член на Европските конзервативци и реформисти (ECR), а дебатата ќе се одржи на 7 јули во Стразбур.

Иницијативата доби поддршка од 79 европратеници – доволно за формално започнување на процедурата.
Главната причина за оваа иницијатива е т.н. „Фајзергејт“ скандал, поврзан со одбивањето на фон дер Лајен да ги објави СМС пораките што ги разменувала со извршниот директор на Pfizer, Алберт Бурла, за време на преговорите за набавка на вакцини против КОВИД-19. Судот на Европската унија веќе пресуди дека нејзиното одбивање да ги објави пораките е неоправдано.
Во иницијативата се наведуваат и други обвинувања: недоволна транспарентност при управувањето со пост-пандемиските фондови, планирање на големи инвестиции во одбраната без консултација со Европскиот парламент, како и наводна политичка пристрасност и мешање во изборите во Романија.
За предлогот да биде изгласан, потребно е двотретинско мнозинство – најмалку 361 од вкупно 720 пратеници. Сепак, шансите се минимални, бидејќи мнозинството европратеници од владејачката коалиција, и покрај идеолошките разлики, не ја поддржуваат иницијативата за недоверба.