Утрински Весник
Свет

Енергијата од обновливите извори не е одговорна за априлскиот прекин на струјата на Пиринејскиот Полуостров 

Bali struja.jpg

Британскиот весник „Телеграф“, повикувајќи се на „извори во Брисел“, минатата недела објави дека причина за големиот прекин на струјата на Пиринејскиот полуостров на 28 април бил „експеримент со обновливи извори на енергија“, што го спроведувале шпанските власти. Мадрид ги отфрли ваквите тврдења, а како „нелогична“ оваа теза ја оценија и експертите.

Весникот во својот текст наведе дека според „извори во Брисел“, дефектот бил предизвикан поради експеримент што го спроведувале шпанските власти со цел да „испитаат колку можат да ја зголемат зависноста од обновливи извори на енергија“ во рамки на плановите за постепено затворање на нуклеарните реактори во Шпанија.


– Ако се утврди дека прекинот бил контролиран експеримент што тргнал наопаку и ако оваа информација е скриена од јавноста… шпанската левица се соочува со изборен заборав за една цела политичка генерација, наведува авторот на текстот во „Телеграф“.

Шпанската влада „категорично ги негираше“ тврдењата изнесени во весникот како целосно невистините. Шпанската вицепремиерка Марија Хесус Монтеро дури изјави дека зад ваквите наводи во написот стојат „корпоративни интереси“, додавајќи дека британскиот весник е „познат по ширењето лажни вести, лаги и обид за искривување на јавното мислење“.

Врз основа на ваквите противречни тврдења, одделот за проверка на фактите на Еуроњуз, „Еуроверифај“ спроведе истрага за потврдување или негирање на наводите изнесени во „Телеграф“, кои ги пренесоа и повеќе други медиуми.

Тимот на „Еуроверифај“ утврдил дека текстот во кои се изнесени ваквите тврдења всушност е уреднички коментар на колумнистот Амброз Еванс-Причард, а не вест или извештај и дека во него не се наведени никакви докази со кои би се поткрепиле обвинувањата.

– Авторот го користи прекинот од 28 април за да ги критикува енергетските политики на шпанската социјалистичка Влада предводена од премиерот Педро Санчез. Според планот усвоен во 2019 година од Владата на Санчез, Шпанија постепено треба да ги затвори своите нуклеарни централи во текот на следната деценија и да се фокусира на зелени извори на енергија, потег што Еванс-Причард го опишува како неодговорен, наведува „Еуроверифај“.

И самиот Санчез изјави дека „нема емпириски докази оти инцидентот бил предизвикан од вишок енергија од обновливи извори“, обвинувајќи ги пронуклеарните групи дека го користат инцидентот за да водат кампања против постепеното затворање на нуклеарните централи.

Тимот за проверка на фактите побарал информации од „Телеграф“ за појаснување за бројот на консултирани извори за изнесените тврдења, како и за нивната поврзаност со тековните истраги за инцидентот, но не добил одговор, додека на прашање до Европската комисија дали може да ги негира или потврди наводите, било одговорено дека нема да коментираат се додека не ги добијат резултатите од истрагите за причините за прекинот на електричната енергија.

По инцидентот Европската комисија побара од Шпанија да спроведе истрага и во рок од три месеци од датумот на колапсот на електроенергетскиот систем да и достави технички извештај за причините за инцидентот. Покрај Шпанија, паралелна истрага спроведува и тим европски експерти, кои својот извештај, исто така, треба да го достават до Еврокомисијата.

Тврдењата на „Телеграф“ во изјава за „Еуроверифај“ ги отфрлила компанијата „Ред Електрика“, која е делумно во сопственост на шпанската држава и е одговорна за управување со електрична мрежа во Шпанија. Портпарол на компанијата изјавил дека „категорично ги негираат“ тврдењата на лондонскиот весник, додавајќи дека тие се пример за „лажни вести“.

Во врска со случајот тимот консултирал и енергетски експерти, кои изјавиле дека експеримент каков што се наведува во написот во принцип е изводлив, но дека е малку веројатно оти тој би можел да биде причина за падот на електроенергетскиот систем.

– Се е можно, но оваа теорија не изгледа разумна, изјави за „Еуроверифај“ заменик-раководителот на Одделот за електротехника при Политехничкиот универзитет во Валенсија, Мануел Алказар-Ортега.

Тој додава дека технички гледано „Ред Електрика“ располага со компјутерски симулатор кој може да ја реплицира целата преносна мрежа и нејзиното функционирање.

– Значи, овие симулации не треба да се прават во реалниот живот. Тие можат да се прават во овој симулатор, изјави Алказар-Ортега, додавајќи дека симулаторот се користи за тестирање на капацитетот на мрежата и за предвидување на нејзината еволуција со цел да се надгради инфраструктурата и да се прилагоди на идните потреби.

Истражувачот од белгискиот истражувачки центар „ЕнерџиВил“, Дирк Ван Хертем, изјавил дека иако тестирање и експерименти на мрежата можат да се направат во пракса, сепак нема докази дека такво нешто било вршено во време на прекинот на електричната енергија.

Според него, времето во кое се случи инцидентот не е најпогодно за тестирање на капацитетот на мрежата за апсорпција на струја од обновливи извори на енергија, бидејќи тогаш нема „највисока пенетрација на обновливи извори на енергија во Шпанија“.

Во недостиг на цврсти заклучоци за причините за инцидентот, како и информациите дека половина час пред крахот биле регистрирани „осцилации“ во електричната мрежа и последователни дефекти во трафостаници во југозападна Шпанија, ги поттикнуваат шпекулациите дека одговорноста за прекинот лежи во преоптовареност предизвикана од електраните на обновливи извори.

Алказар-Ортега вели дека не може да се исклучи тезата дека овие електрани се можеби причина за прекинот, но одговорноста според него не е во самата енергија од обновливи извори, туку во начинот на кој е управувано со овој ресурс.

Шпанија во последните години забележа експоненцијален раст на уделот на енергија од електрани од обновливи извори, како ветерници, соларни панели и хидроцентрали, кои во 2024 година генерирале рекордни 56,8 отсто од вкупната струја во земјата.

– Ова не беше придружено со системи што би ни овозможиле да ја компензираме инерцијата што системот ја губеше поради тоа што немаше замена за вистинската инерција што ја обезбедуваат традиционалните електрични генератори, изјави Алказар-Ортега.

Инерцијата на системот во мрежата помага да се одржи фреквенцијата во прифатлив опсег, но обновливите извори на енергија, како што се ветерот и сончевата енергија, важат за „безинертни“, што ја прави електричната мрежа понестабилна и поподложна на прекини.

– Не е вината во обновливите извори на енергија, туку во тоа што нема системи за складирање или други видови инвертори способни да ја обезбедат оваа контрола на фреквенцијата, додава Алказар-Ортега.

Можете да прочитате

Жена во Чешка прогласена за почината, а потоа се случило нешто неочекувано

Орбан: Војната ќе биде подолга и побрутална отколку што очекувавме

Почина палестинскиот доктор чии девет деца беа убиени во израелски напад