
Американската кабелска Музичка телевизија „Ем-ти-ви“ (MTV), првата мрежа којашто емитува поп-музика 24 часа на ден, ќе ги затвори своите канали во Велика Британија и низ Европа, по речиси 40 години.
Матичната компанија „Парамаунт“ (Paramount) ќе затвори пет канали – „Ем-ти-ви мјузик“, „Ем-ти-ви 80’с“, „Ем-ти-ви 90’с“, „Клуб Ем-ти-ви“ и „Ем-ти-ви лајв“ – на крајот од годината. Водечкиот канал „Ем-ти-ви ХД“ ќе продолжи да емитува реални шоуа. Операторот има намера да ги затвори и своите музички канали и во Австралија, Полска, Франција и Бразил, како дел од поширока стратегија за намалување на трошоците што вклучува и намалување на трошоците до 500 милиони долари низ целиот свет.
Одлуката е донесена „поради промената на навиките за гледање“, се наведува, при што музичките видеоспотови се гледаат сѐ почесто и главно на Јутјуб и социјалните мрежи, а поретко на телевизија. Портпаролот одби да коментира поподробно за наводите.
„Ем-ти-ви“ почна со работа во САД во 1981 година. Европските ограноци беа отворени во 1987 година.