Утрински Весник
Свет

Експерти предлагаат повеќе истражувања и иновации за зајакнување на конкурентноста и безбедноста на Европа 

20241019210036 Big 730x400 34.webp.webp

Потребни се повеќе истражувања, иновации и технолошки развој со цел Европа да стане поконкурентна на глобално ниво, побезбедна и поодржлива, се наведува во експертскиот Извештај за зајакнување на програмата за истражување и иновации на ЕУ, „Хоризонт Европа“. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за Извештај насловен „Порамни, дејствувај, забрзај: Истражување, технологија и иновации за зајакнување на европската конкурентност“, подготвен од 15 истакнати експерти под раководство на поранешниот португалски државен секретар за наука, технологија и високо образование Мануел Ејтор. 

Во Извештајот се препорачува преземање сеопфатен пристап за усогласување на истражувањето и иновациите со стратегијата на ЕУ за конкурентност и за чиста дигитална економија, како и изработка на рамковна програма за поттикнување на истражувањата и иновациите насочени кон зајакнување на европската конкурентност. 

Според експертите потребни се и акции фокусирани кон зголемување на индустриската конкурентност, справување со општествените предизвици и кон создавање моќен екосистем за истражување и иновации и поголеми финансии за европските совети за истражување и за иновации и за Програмата за поддршка на врвни таленти „Марија Склодовска-Кири“. 

– Треба да создадете Совет за индустриска конкурентност и технологија, за да се зголемат инвестициите во индустриското истражување и иновации и да се обезбеди стратешката автономија, се наведува во Извештајот доставен до Европската комисија. 

Експертите и предлагаат на ЕК да формира и Совет за општествени предизвици за справување со клучните општествени прашања, усогласување со стратешките приоритети на ЕУ и за поттикнување на филантропијата и граѓанското општество. 

Во Извештајот се препорачува и изградба на инклузивен и атрактивен екосистем за истражување и развој на ЕУ преку кој би се обезбедувале долгорочни инвестиции, би се поттикнувала меѓууниверзитетската соработка и би се охрабрило заедничкото инвестирање на земјите членки на Унијата. 

Тимот експерти смета и дека е потребно изработка на програма за обезбедување на иновации во индустријата согласно побарувачката на пазарот, како и намалување на административните оптоварувања и скратување на постапките за аплицирање за финансирањето на иновациите и истражувањата.  

Според авторите на Извештајот, потребна е и подготовка на стратегија за меѓународна соработка и партнерствата во одредени сфери, но и оптимизирање на технолошките иновации за двојна намена – цивилни и воени, со што би се добиле придобивки и за националната безбедност и за цивилни потреби. 

Во Извештајот се препорачува и обезбедување поголем, пофокусиран и стабилен буџет за иновации и истражувачки проекти, со што Европа би се позиционирала како лидер во меѓународната соработка и менаџирањето со истражувањето и развојот. 

Еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова изрази уверување дека Извештајот ќе инспирира дебата меѓу сите „кои ја споделуваат визија за силна Европа, која поддржува храбри и брилијантни идеи и ги вреднува своите граѓани“. 

– Во текот на изминатите 40 години, истражувањата и иновациите финансирани од ЕУ резултираа со големи научни откритија, откритија во клучните технологии, значителна економска вредност и решенија за прашања кои се важни за луѓето. Ако сакаме да ја подобриме нашата програма за истражување и иновации „Хоризонт Европа“ и да подготвиме терен за уште повлијателни, рационализирани и целни европски политики за истражување и иновации, ни требаат прецизни анализи и цврсти докази за искористување на целосниот потенцијал на мноштвото европски таленти, оцени Иванова.  

Експертската група предводена од Ејтор беше формирана во декември минатата година со задача за подготви конкретни препораки до Европската комисија за подобрување програмите на ЕУ за истражување и развој на краток и подолг рок. Извештајот е изработен врз основа на опсежни консултации со засегнатите страни, анализи и надворешни студии. 

Можете да прочитате

Заменик лидерот на Хезболах, Касем побегна од Либан и сега е во Техеран

Партијата Италија вива ќе ја тужи Мелони поради залудното трошење на парите на Италијанците за имигрантскиот камп во Албанија

Русите тврдат дека ја погодиле базата на странски платеници во Запорожје