Утрински Весник
Македонија

Ексдиректорот на затворот „Скопје“ доби осум месеци затвор

Img 5088.jpeg
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Поранешниот директор на затворот „Скопје“ и актуелен член на Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ, Филип Андонов-Сокол, е прогласен за виновен и осуден на осум месеци затвор во судскиот процес што против него и уште шестмина затворски полицајци се водеше за злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија денеска од Основниот кривичен суд Скопје.

Пресудата е изречена вчера, а според соопштението од Судот, Андонов е единствениот од обвинетите кому му е изречена ефективна затворска казна. На останатите шестмина обвинети затворски полицајци им се изречени алтернативни мерки – условни казни затвор, кои нема да се реализираат доколку во наредниот период не сторат ново кривично дело.

Од Судот информираат дека при донесувањето на пресудата и одмерувањето на казните биле ценети сите олеснителни и отежнувачки околности за секој од обвинетите поединечно.

„Обвинетиот Ф.А. (Филип Андонов – Сокол н.з.), за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1, член 45 и член 22 од Кривичниот законик, Судот го осуди на казна затвор во траење од осум месеци“, се наведува во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.

Обвинетите П.А. и Е.О. се осудени на условна казна затвор од шест месеци, која нема да се изврши доколку во наредните две години од правосилноста на пресудата не сторат друго кривично дело.

Условна казна од осум месеци затвор му е изречена и на обвинетиот Т.Н., кој покрај злоупотреба на службената положба беше обвинет и за несовесно работење во службата. Казната нема да се реализира доколку во наредните три години не стори ново кривично дело.

Обвинетите Ѓ.Р. и С.П. се осудени на по три месеци условна казна, со рок на проверка од една година, додека на обвинетиот К.В., осуден за несовесно работење во служба, му е изречена условна казна затвор од три месеци со рок од една година.

Од Кривичниот суд нагласуваат дека изречената пресуда не е правосилна и дека и Обвинителството и обвинетите имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.

Пресудата предизвика жестоки реакции и меѓусебни обвинувања меѓу опозицискиот СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ ја обвинија актуелната власт дека преку, како што наведоа, „нарачани судски пресуди“ врши директна репресија врз нивни партиски функционери.

„Ги поставија своите судии и обвинители и тргнаа. Нема повеќе независно судство ниту независно обвинителство. Сè ставија во своите канџи“, соопштија од СДСМ, оценувајќи дека пресудата против Андонов е дел од, како што велат, политички прогон.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлија обвинувањата, наведувајќи дека Андонов бил назначен за член на Извршниот одбор на СДСМ со цел подоцна пресудата да се прикаже како политички мотивирана.

Судскиот процес започна на 20 август, но првото рочиште беше одложено на барање на одбраната заради увид во доказите доставени од Обвинителството. Во изјава за медиумите, Андонов тогаш изјави дека за три и пол години како директор на затворот „Скопје“ во ниту еден случај не го прекршил Законот за извршување санкции и дека обвиненијата против него и затворските полицајци се неосновани.

На рочиштето одржано на 2 октомври, Андонов се изјасни дека не се чувствува виновен, посочувајќи дека постапувал во рамки на своите дискрециони овластувања.

Во предметот беше обвинет и уште еден затворски полицаец, но постапката за него е одвоена поради неговата здравствена состојба.

Можете да прочитате

(Видео) Апел за празниците: Брзата помош да се повикува само за сериозни случаи

Финансиска полиција: Конкретни и мерливи резултати во борбата против финансискиот криминал – над 3,36 милијарди денари опфатени со истраги

На ГП Блаце запленети над 40.000 парчиња петарди и огномети