Утрински Весник
Македонија

Една секунда невнимание може да биде кобна: Не користи телефон додека возиш

Telefon .jpg

Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата започнаа кампања со јасна порака до возачите – не користете мобилен телефон додека сте зад воланот.

Од кампањата предупредуваат дека за тешка сообраќајна несреќа понекогаш е доволен само еден момент на невнимание. Читањето порака, погледот кон екранот или користењето на телефонот може за само неколку секунди целосно да го одвлече вниманието од патот.

„Секое патување започнува со една едноставна одлука – да седнеш зад воланот. Мислиме дека сѐ е под контрола и дека ништо не може да тргне наопаку. Но, понекогаш доволен е само еден момент за да го изгубиш вниманието“, се наведува во пораката од кампањата.

Посебно се предупредува на ризикот при поголема брзина. При возење со 80 километри на час, автомобилот за само една секунда поминува повеќе од 20 метри. Доколку возачот во тој момент гледа во мобилниот телефон наместо во патот, практично ја минува таа дистанца без целосно внимание на сообраќајот пред себе.

„Дали вреди? Држи го погледот на патот. Твојот живот – и животите на другите – зависат од тоа“, порачуваат од кампањата.

МВР и РСБСП апелираат возачите да бидат максимално внимателни и да не дозволат телефонски повик, порака или известување да ги доведе во опасност нив, патниците и останатите учесници во сообраќајот.

„Животот е премногу вреден за да го изгубите поради мал момент на невнимание. Вози внимателно и не користи мобилен телефон. Не заборавај – секој живот е важен“, гласи пораката на кампањата.

Можете да прочитате

СДСМ: Има само една банда – ВМРО-ОКГ и нејзиниот шеф арамија Мицкоски

Пожарот во Шуто Оризари е подметнат – доаѓаат со тротинети, потураат течност, палат и си одат

Николоски: Економскиот напредок на Македонија во фокусот на соработката со Фондацијата Конрад Аденауер