
Од доцна синоќа во тек е акција на крајбрежната служба на Грција за спасување на мигранти во морскиот дел на 38 наутички милји јужно од малиот остров Гавдос, откако делумно потонал чамец во кој, според спасените се пренесувале 77 мигранти, а досега е пронајдено 51 лице и извлечено едно безживотно тело, додека потрагата продолжува за околу 25 исчезнати, јави дописничката на МИА од Атина.

Од крајбрежната служба на Грција информираа дека во акцијата се вклучени четири бродови што се наоѓаат во близина, два чамци и едно воздушно средство на ФРОНТЕКС.
Паралелно кон местото се упатиле и спасувачки чамец на крајбрежната служба, брод на ФРОНТЕКС, хеликоптер на грчкото воено воздухопловство и едно беспилотно летало на ФРОНТЕКС.
Досега, од бродовите што се наоѓаат во близина, спасено е 51 лице и било пронајдено едно безживотно тело.
– Потрагата продолжува за пронаоѓање на околу 25 исчезнати лица, бидејќи според изјавите на спасените, во чамецот, кој е полупотонат, првично имало 77 лица, информираа од крајбрежната служба на Грција.


