Британскиот пејач текстописец Ед Ширан се појави на суд во Њујорк за да ги отфрли тврдењата дека неговиот хит Thinking Out Loud е плагијат на класикот на Марвин Геј, Let’s Get it On.
Британецот (32) е тужен од наследниците на Ед Таунсенд, текстописецот кој заедно со Геј ја напиша песната. Тие тврдат дека во неговата песна од 2014 година Ширан без дозвола копирал хармонични прогресии, мелодични и ритмички елементи од Let’s Get It On.
Наследниците на коавторот Ед Таунсенд тврдат дека Ширан, „Ворнер мјузик груп“ и „Сони мјузик паблишинг“ им должат пари за наводната кражба на песната.
На почетокот на судењето во Њујорк адвокатот на тужителите го опиша користењето стихови од песна на Марвин Геј како „пиштол што чади“.
Британската ѕвезда на ваквите наводи одговори: „Би бил вистински идиот да го направам тоа, да копирам песна“.
Во своето сведочење тој целосно ги отфрли наводите дека копирал делови од друга песна.
Запрашан од адвокатката Кеиша Рајс за друга песна што тој ја напишал (Take it Back), а која содржи стих „плагијатот е скриен“, Ширан потврди дека тој ги напишал зборовите за таа конкретна песна.
„Тоа се мои стихови, да“, рече тој и додаде: „Можам ли да им дадам малку контекст?“
„Не треба. Ако сакам некаков контекст, ќе го побарам тоа“, одговори адвокатката на тужителите и продолжи да го прашува за снимка од концерт во Цирих, на која се гледа како го меша текстот од песната на Геј од 1973 година со Thinking Out Loud.
Претходно, друг адвокат на семејството – застапникот за граѓански права Бен Крамп – изјави пред судот дека видеото од концертот претставува признание за „пиштол што чади“.
Ширан одговори дека понекогаш на своите настапи меша песни со слични акорди. Пејачот изгледаше фрустриран кога Рајс го прекина во сведочењето.
„Чувствувам дека не сакате да одговорам затоа што знаете дека тоа што ќе го кажам навистина ќе има многу смисла“, рече тој.
„Можете да преминете од Let it Be на No Woman, No Cry и да се вратите“, продолжи Ширан под заклетва алудирајќи на класиците на „Битлси“ и Боб Марли.
„Да го направев тоа што ме обвинувате дека сум го направил, ќе бев прилично идиот да застанам на бина пред 20.000 луѓе и да го сторам тоа“.
Судењето се очекува да трае најмалку една недела. Доколку поротата утврди дека британскиот музичар е одговорен за кршење на авторските права, судењето ќе влезе во втора фаза за да се утврди колку должи.
Судскиот случај почна во период кога поп-ѕвездата се подготвува да почне турнеја во Северна Америка и да издаде нов албум.