Британската поп-ѕвезда Ед Ширан доби наредба да му се суди во САД поради тврдењата дека го копирал својот хит Thinking Out Loud од песната Let’s Get It On на Марвин Геј.
Судијата го отфрли барањето на Ширан за отфрлање на случајот, велејќи дека поротата треба да одлучи за сличностите меѓу песните.
Овој потег доаѓа шест месеци откако Ширан, на судењето во Лондон, извојува победа во битката за авторски права на песната Shape Of You. Тогаш, судот во Лондон пресуди дека најголемиот хит на Ширан не е плагијат.
Тужбата за Thinking Out Loud првично беше поднесена во 2018 година, не од семејството на Геј, туку од инвестицискиот банкар Дејвид Пулман и компанијата Structured Asset Sales, која купи дел од имотот на коавторот на Let’s Get It On, Ед Таунсенд.
Барајќи отштета од 100 милиони долари (90 милиони фунти), тие тврдат дека Ширан и коавторката Ејми Веџ ја „копирале и искористиле, без одобрение или заслуга“ песната на Марвин Геј, „вклучувајќи, но не ограничувајќи се на мелодијата, ритмите, хармонијата, тапаните, бас-линијата, пратечкиот рефрен, темпо, синкопа и лупинг“.
Во четвртокот американскиот окружен судија Луис Стентон го наведе несогласувањето меѓу музичките експерти од двете страни на тужбата како причина за наредбата за судење.