Две сестри тинејџерки се пронајдени oбесени на дрво во индиската држава Утар Прадеш, во најновиот случај на киднапирање и силување.
Полицијата соопшти дека телата на сестрите биле пронајдени синоќа во областа Лакимпур. Полицијата покрена истрага откако семејството пријавило дека девојчињата биле киднапирани и силувани. Шест мажи се уапсени за силување и убиство, а телата на жртвите се испратени на обдукција, јави Би-би-си.
Локалните медиуми објавија дека мајката на девојчињата рекла дека ги однеле мажи на мотори, а дека и таа била нападната кога се обидела да ги запре. Семејството потоа тргнало во потрага, но ги нашло обесени на дрво.
Девојките, помлади од 18 години, припаѓале на кастата Далит, која е на дното на длабоко дискриминаторската хинду хиерархија. И покрај уставната заштита, оваа заедница често се соочува со предрасуди и насилство.
19-годишна девојка од оваа заедница беше жртва на групно силување и убиство во областа Хатрас во Утар Прадеш во 2020 година, што наиде на осуда во јавноста.