Утрински Весник
Свет

Две престрелки во Шведска, експлозија на бомба разнесе куќа, тројца загинати

Две престрелки во Шведска, експлозија на бомба разнесе куќа, тројца загинати

Шведска забележа рекорден број смртни случаи од пукање овој месец од почетокот на евиденцијата во 2016 година. Две лица загинаа во одвоени престрелки синоќа, со што месечниот биланс на загинати се искачи на 11. Уште едно лице загина утрово по експлозија на бомба.

dobivaj vesti na viber

Земјата беше потресена од смртоносен бран престрелки и експлозии во последните недели. Се претпоставува дека повеќето од овие настани се поврзани со расколот во бандата „Фокстрот“. Во првото пукање синоќа 18-годишник беше убиен на спортски терен во Малархојден, југозападно предградие на Стокхолм.

Околу полноќ уште еден маж е убиен во Јордбро, јужно од Стокхолм. 25-годишна девојка утрово почина во болница од повредите добиени во експлозија на бомба во Сторврета, пред Упсала, универзитетски град северно од главниот град. Експлозијата во која беа оштетени пет куќи полицијата ја третира како убиство. Шведските медиуми наведуваат дека жената што загинала, најверојатно, не била цел.

Три лица се приведени под сомнение дека учествувале во престрелката во Јордбро, а двајца се уапсени за експлозијата во Упсала, која била толку бурна што биле оштетени фасадите на две куќи. Портпаролот на полицијата, Магнус Јансон Кларин, изјави дека полицијата работи на истрага и спречување нови акти на насилство.

„Ова не е забавно утро за будење“, изјави тој за телевизијата СВТ. Веќе неколку години Шведска е зафатена со конфликт меѓу бандите, кои се борат за трговија со оружје и дрога. Честа цел на напади се сметаат роднините на членовите на криминалните мрежи.

„Невозможно е да се следат сите. Има многу роднини. Знаеме дека некои луѓе си заминаа и отидоа на сигурно на нови адреси… тоа е многу напната ситуација“, нагласи Јансон Кларин.

Шведската централно-десничарска влада ги заострува законите за да се справи со криминалот поврзан со банди.

Шефот на шведската полиција призна дека завојуваните банди донеле невиден бран насилство во земјата. Минатата година во Шведска се регистрирани 391 престрелка, од кои 62 биле фатални, а во 2021 година од огнено оружје биле убиени 45 лица.

Можете да прочитате

Унгарија го поддржува мировниот план на Кина за Украина

Нетанјаху: Ќе се бориме со нокти ако треба

Првата пратка помош до пловечкото пристаниште во близина на Газа го напушти Кипар