Утрински Весник
Македонија

Две генерации – две реалности: Младите во ЕУ и младите во Македонија, разликата не е во амбицијата, туку во можностите

I.jpg

Пишува: Проф. д-р Иван Анастасовски

Мотивот за оваа писание кај мене не е само мојата визија за интегрирана Македонија во ЕУ, туку и мојата работа која е поврзана со младите (студентите) со кои во еден семестар си разменуваме ставови, мислења, идеи и визиии не само за спортот и физичкото образование, туку и за актуелни состојби во општеството. Но, исто така и мојата желба да го завршиме нашето обемно истражување за младите од Z (зет) генерација (повеќе од 400 испитаници) заедно со колеги од други општествени области и научно да ја откриеме нивната животна амбиција во најзначајниот период од нивниот живот. Истражувањето не е ефтина работа и се надеваме дека резултатите ќе имаат свое публикување не само во нашата држава туку и надвор од неа се со цел општеството да види што навистина им е потребно на нашите млади и како тие размислуваат. Денес во Македонија има Министерство за социјална политика, демографија и млади кое има силна надлежност за перспективата на нашата младина преку креирање на јавни политики. И кога сме тука кај нашата младина сакам да направам една споредба со младината во ЕУ (таму каде што припаѓаме/аат).


Како прво, да се разбереме, не ни заминуваат само млади што сакаат да работат во државите од ЕУ напротив ни заминуваат перпективни млади кои сакаат да студираат и да градат свои професионални кариери за жал надвор од нашата држава.

Кога зборуваме за младите во Европа и младите во Македонија, премногу често ја правиме грешката да ги споредуваме како две различни генерации, а тие не се различни по своите желби, амбиции, талент и потреба за успех. Единствена разлика е во средината во која ги градат своите животи и во систем кој води грижа за нив.

На пример младиот човек во Македонија и младиот човек во Германија, Холандија, Данска или Словенија имаат многу слични соништа: добро образование, пристојна работа, финансиска независност, сопствен дом, можност за патување, личен развој и сигурна иднина.

Но, патот до тие цели не е ист. И токму тука започнува најважното прашање за македонското општество: дали на нашите млади им нудиме причина да останат или напротив само им даваме доволно причини да си заминат?

Европската унија во својата политика кон младите се повеќе ги третира младите како активни учесници во креирањето на општеството, а не само како корисници на младински политики. Европската комисија во извештајот за спроведувањето на Стратегијата за млади нагласува дека младите треба да бидат вклучени во креирањето на политиките и дека нивното учество во демократскиот и општествениот живот е важен дел од европската иднина.

Тоа е една од клучните разлики. Во голем дел од европскиот простор младите прашуваат:
„Како да го искористам системот за да ја изградам својата иднина?“

Во Македонија многу млади сè уште прашуваат: „Дали воопшто можам да ја изградам иднината овде?“

Тоа не е мала разлика. Тоа е разлика во перспективата.

  1. Образованието, од диплома до вештина. Современата европска економија се повеќе го поврзува образованието со пазарот на трудот. Младите не се охрабруваат само да стекнат диплома, туку и практично искуство, дигитални компетенции и вештини потребни за новата економија. Според податоците на Евростат се покажува дека во 2024 година 25,4% од младите Европејци на возраст од 15 до 29 години биле истовремено во формално образование и вработување. Тоа создава поинаков однос кон работата. Младиот човек не ја гледа работата само како нешто што започнува „откако ќе заврши факултетот“. Работата станува дел од процесот на образование, стекнување искуство и постепено градење кариера. Во Македонија, и покрај напредокот и постоењето на програми како гаранцијата за млади, јазот меѓу образованието и потребите на пазарот на трудот останува значаен предизвик. Затоа проблемот не е само во тоа што младите „немаат работа“, проблемот е дали образованието и економијата заедно создаваат пат кон професионална иднина.
  2. Работата, прашање на сигурност, а не само на плата. За млад човек, работата не значи само месечна плата, таа значи самостојност, значи можност да изнајми или купи дом, значи можност да создаде семејство, значи чувство дека трудот има вредност.
  3. Европа не е само повисока плата. Често европската перспектива ја сведуваме на една работа, а тоа е повисоки плати. Но, да се разбереме младите не заминуваат само поради платата, тие заминуваат поради системот, поради предвидливоста, поради можноста професионалниот успех да биде резултат на знаење, работа и способност, поради институциите, поради подобрата поврзаност меѓу образованието и работата, поради можноста да планираат пет или десет години однапред, токму предвидливоста е една од најголемите вредности на развиеното општество. Млад човек може да прифати и тешка работа. Може да прифати конкуренција. Може да прифати неуспех. Она што многу потешко го прифаќа е чувството дека без оглед колку се труди, правилата не се исти за сите.

Младите не се проблем, тие се индикатор, во Македонија често слушаме дека младите се пасивни, незаинтересирани или дека „само сакаат да заминат“. Но можеби треба да го смениме прашањето, наместо да прашуваме: „Зошто младите си одат?“, треба да прашаме: „Што направивме за да имаат причина да останат?“

Македонија нема проблем со младите. Македонија има проблем со условите за младите. Ова е можеби најважната реченица, нашите млади не се помалку паметни од европските, не се помалку амбициозни, не се помалку креативни, не се помалку способни. Разликата е што европскиот систем во поголема мера се обидува да создаде институционална инфраструктура во која младата енергија може да стане економска, научна, општествена и политичка вредност.

Македонија допрва мора сериозно да го изгради тој модел, и тука не станува збор само за една влада, една партија или еден политички мандат, станува збор за национална стратегија за младите (која ја имаме на хартија “Национална стратегија за малди 2016-2025), а која е должна да се спроведува со што би ги поврала младите со образованието, економијата, дигитализацијата, домувањето, спортот, културата, претприемништвото и европската интеграција.

Европска македонија не е само членство во ЕУ, на крајот, најголемата грешка би била да мислиме дека младите ќе останат само затоа што Македонија еден ден ќе стане членка на Европската унија. Членството само по себе не е доволно, потребно е да изградиме Македонија во која европските стандарди ќе се чувствуваат дома. Младите не сакаат само Европа како географска дестинација. Тие сакаат Европа како стандард на живеење, институционална сигурност и лична перспектива.

Конечно, Европа треба да биде стандардот според кој Македонија ќе ја изгради својата иднина, а најголемата европска политика за Македонија нема да биде онаа што ќе ги задржи младите со зборови, ќе биде онаа што ќе им даде образование што вреди, работа што овозможува достоинствен живот, институции на кои им веруваат и држава во која можат да го замислат својот живот десет години однапред.

Зашто една држава може да изгуби избори, влади и политички циклуси. Но ако ја изгуби младата генерација – ризикува да ја изгуби својата иднина.

Можете да прочитате

Поплавена зградата „Нова Македонија“ – објектот е без електрична енергија

Мицкоски: Кога од СДС ќе обвинуваат за масовна делегација, ќе потсетам дека со владите на Заев и Ковачевски оделе по 50-тина луѓе, но без резултати

Левица: Пет домашни институции алармираа за дискриминаторскиот третман кон Левица, но Уставниот суд избра да го слушне само алармот на ДПМНЕ и СДСМ за да им ги покачат платите