Израелските вооружени сили денеска соопштија дека извршиле воздушни напади врз цели на групата Хезболах „длабоко во внатрешноста на Либан“. Локалните жители изјавија дека слушнале експлозии во близина на градот Баалбек. Најмалку две лица загинаа во нападот, изјави претставник на Хезболах. Ова се едни од ударите што Израел ги нанесе во најголема длабочина во Либан од почетокот на војната со Хамас пред повеќе од четири месеци. Тие дојдоа само еден ден откако израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вети дека ќе ги засили нападите против Хезболах дури и ако се постигне прекин на огнот со палестинското исламистичко движење во Појасот Газа. Либанските безбедносни претставници соопштија дека израелските воздухопловни сили извршиле три напади на периферијата на селото Будаи, во близина на Баалбек, при што нападнале конвој камиони. Областа е бастион на Хезболах. Претставник на групата потврди дека трите напади биле извршени во близина на Баалбек. Тој рече дека најмалку две лица загинале и дека во еден од нападите е погодено складиште за храна што е дел од проектот „Саџад“ на Хезболах, кој им продава производи на луѓето во областа по цени пониски од пазарните. Воздушните напади кај Баалбек се случија неколку часа откако Хезболах соопшти дека нивните борци денеска собориле израелско беспилотно летало над јужен Либан. Хезболах се судри со израелските војници долж границата од 7 октомври, кога Хамас го нападна Израел.